поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5

Стар Завет

Нов Завет

1 Солунците 2 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Зашто самите знаете, браќа, дека нашето доаѓање кон вас не беше напразно.

2. Напротив, иако порано пострадавме и бевме хулени во Филипи, како што веќе знаете, бевме смели во нашиот Бог, да ви го проповедаме Божјото Евангелие среде голема борба.

3. Зашто нашето бодрење не беше од заблуда ни од нечистота, ниту со измама,

4. туку како што Бог нè испита да ни го довери Евангелието, така зборуваме не угодувајќи им на луѓето, туку на Бога, Кој ги испитува нашите срца.

5. Зашто, како што знаете никогаш не настапивме со ласкави зборови ниту со притаено лакомство. Бог е сведок за тоа.

6. Ниту баравме слава од луѓето, ниту од вас, ниту од другите, иако можевме да настапиме со важност како Христови апостоли.

7. Напротив, бевме благи меѓу вас, како доилката, која топло ги негува своите деца,

8. така, полни со љубов кон вас сакавме да ви го предадеме не само Божјото Евангелие, туку и своите души, зашто ни станавте мили.

9. Затоа, браќа, вие ги помните нашиот труд и мака: работејќи ноќе и дење, за да не му паднеме на терет на некој од вас, додека го проповедувавме Божјото Евангелие.

10. Вие сте сведоци и Бог, како свето, праведно и беспрекорно се однесувавме кон вас, кои верувате.

11. Како што знаете, ние секого од вас поединечно, како татко своите деца, го бодревме и советувавме, и ви сведочевме

12. да живеете достојно за Бога, Кој ве повикува во Своето Царство и слава.

13. И затоа и ние Му благодариме на Бога постојано зашто, примајќи го Божјото слово, што сте го чуле од нас, го примивте не како човечко слово, туку како Божјо слово - какво е навистина - кое и дејствува во вас, кои верувате.

14. Зашто, вие браќа, се угледавте на Божјите цркви, кои се во Христа Исуса во Јудеја, бидејќи и вие го претрпевте истото од своите сонародници, како и тие од Јудејците,

15. од оние, кои Го убија Господа Исуса, и пророците, а нас нè изгонија; кои не Му угодуваат на Бога, кои им се противат на сите луѓе;

16. кои ни бранат да им зборуваме на народите, за да се спасат, така ги дополнуваат своите гревови секогаш. Но најпосле Божјиот гнев дојде на нив!

17. А ние, браќа, кога останавме без вас со лицето, а не со срцето, настојувавме уште повеќе, со голем копнеж, да го видиме вашето лице.

18. Затоа сакавме да дојдеме при вас; и јас Павле не само еднаш, туку двапати, но сатаната нè спречи.

19. Зашто, кој е наша надеж, или радост, или венец, за пофалба? Та не сте ли вие пред нашиот Господ Исус при Неговото доаѓање?

20. Да, вие сте наша слава и наша радост.