13. Тогаш тој ни раскажа како во својата куќа видел ангел, кој застанал и му рекол: „Прати во Јопија и повикај го Симона, кој се вика Петар!
14. Тој ќе ти каже зборови, преку кои ќе се спасиш ти и целиот твој дом.”
15. И кога почнав да зборувам, Светиот Дух слезе на нив, како и на нас во почетокот.
16. Тогаш се сетив на Господовите зборови: „Јован крштаваше со вода, а вие ќе бидете крстени во Светиот Дух.
17. И така, ако Бог им даде ист дар, кога поверуваа во Господа Исуса Христа, како и нам, кој сум јас да можам да Му го забранам тоа на Бога?”
18. Кога го чуја тоа, се смирија и Го славеа Бога, велејќи: „И така, Бог им даде и на народите покајание за живот!”
19. А оние, кои беа распрснати заради гонењето, по Стефана, поминаа сè до Феникија, Кипар и Антиохија, не проповедајќи му го никому Словото, освен на Јудејците.
20. А некои од нив беа Кипарци и Киринејци, кои - кога дојдоа во Антиохија - им зборуваа и на Грците, навестувајќи Го Господа Исуса.
21. И Господовата рака беше со нив и голем број поверува и Му се обрати на Господа.
22. И кога веста за нив дојде до ушите на црквата во Ерусалим, го испратија Варнава во Антиохија.
23. Тој дојде и ја виде Божјата благодат, се зарадува и ги опоменуваше сите да останат во Господа со одлучно срце.
24. Имено, тој беше добар човек, полн со Светиот Дух и со вера; и големо множество се присоедини кон Господа.
25. Тогаш отиде во Тарс да го побара Савла; и кога го најде, го доведе во Антиохија.
26. И така, цела година се собираа во црквата и поучија големо множество. И прво во Антиохија учениците ги нарекоа христијани.
27. Во тие денови пророци од Ерусалим слегоа во Антиохија.
28. И едниот од нив, по име Агав, стана и објави преку Духот, дека ќе биде голем глад по целиот свет; која и беше при Клаудиј.
29. Тогаш учениците одлучија - секој според своите можности да им испрати помош на браќата во Јудеја.