Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 12:11-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. И кога Петар дојде на себеси, рече: „Сега навистина знам дека Господ го пратил Својот ангел, и ме избави од Иродовата рака и од сè што очекуваше јудејскиот народ.”

12. Согледувајќи го тоа, дојде до куќата на Марија, мајката на Јована, наречен Марко - каде беа собрани мнозина да се молат.

13. И кога чукна на дворната врата, дојде слугинката, по име Рода, да наслушне.

14. И кога го препозна Петровиот глас, од радост не ја отвори вратата, туку втрча и јави дека Петар стои пред вратата.

15. А тие и рекоа: „Ти си луда!” Но таа и натаму тврдеше дека е вистина. Тие рекоа: „Тоа е неговиот ангел.”

16. А Петар продолжуваше да чука. И кога ја отворија вратата, го видоа и се восхитија.

17. Тој им мавна со раката да молчат и им раскажа како Господ го изведе од темница и рече: „Јавете им за ова на Јакова и на браќата!” Потоа излезе и отиде на друго место.

18. А кога се раздени, настана не мал смут меѓу војниците: што бидна со Петра?

19. И кога го побара, и не го најде, Ирод ги сослуша стражарите и заповеда да ги погубат, и слезе од Јудеја во Ќесарија и таму престојуваше.

20. И беше гневен на Тирците и Сидонците, но тие дојдоа еднодушно при него, и откако го придобија царевиот собар Власта, замолија за мир, зашто нивната земја внесуваше храна од царската земја.

21. Во определениот ден Ирод, облечен во царска облека, седна на престолот пред народот и одржа говор пред нив.

22. А народот извика: „Глас Божји, а не човечки!”

23. Тогаш веднаш, Господов ангел го удри, зашто не му воздаде слава на Бога, и беше изеден од црви и издивна.

24. А Божјото слово растеше и се умножуваше.

25. А Варнава и Савле, откако ја исполнија службата, се вратија од Ерусалим, земајќи го со себе Јована, наречен Марко.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 12