33. како што е напишано во вториот псалм: ‘Ти си Мој Син, Јас Те родив денес.’
34. А дека Го воскресна од мртвите и дека веќе не се враќа во гниењето рече вака: ‘Вам ќе ви ги исполнам светите и верните зборови Давидови.’
35. Затоа и во друг псалм вели: ‘Нема да дозволиш Твојот Светец да види гниење.’
36. А Давид му послужи на своето поколение и според Божјата волја заспа и им се придружи на своите татковци и виде гниење.
37. А Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде гниење.
38. И така, мажи браќа, знајте дека преку Овој ви се навестува простување на гревовите;
39. и од сè од што не можевте да се оправдате преку Мојсеевиот Закон, преку Него се оправдува секој, кој верува.
40. И така, гледајте да не дојде на вас, што е речено во пророците:
41. ’Видете, вие кои презирате, чудете се и исчезнете! Зашто Јас правам дело - во вашите денови - дело во кое нема да поверувате, ако некој би ви раскажувал.’
42. А кога излегуваа, ги молеа да им ги проповедаат овие зборови и во идната сабота.
43. Кога собирот се разотиде, многу Јудејци и прозелити, кои Го почитуваа Бога, појдоа по Павла и Варнава. Тие им зборуваа и ги наговоруваа да останат во Божјата благодат.
44. А во идната сабота се собра скоро целиот град да го чуе Божјото слово.
45. А кога Јудејците видоа множество, се исполнија со завист и со хулење говореа против Павловите зборови.
46. Тогаш Павле и Варнава им рекоа одлучно: „Требаше најнапред вам да ви се проповеда Божјото Слово; но бидејќи вие го отфрлате од себе и не се сметате достојни за вечниот живот, еве, ние им се обраќаме на народите,
47. зашто Господ ни заповеда така: ‘Те поставив за светлина на народите, да им бидеш спасение до крајот на земјата.’
48. Кога народите го чуја тоа, се радуваа и го славеа Господовото слово и поверуваа мнозина, кои беа определени за вечниот живот.
49. И Господовото слово се распространуваше по целата земја.
50. А Јудејците ги поттикнаа угледните и побожните жени и градските првенци, и подигнаа гонење против Павла и Варнава, и ги изгонија од своите предели.