Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 16:7-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. А кога дојдоа спроти Мисија, се обидоа да отидат во Витанија, но Исусовиот Дух не им дозволи.

8. И така, поминаа низ Мисија и слегоа во Троада.

9. И на Павла му се јави ноќно видение: некој Македонец застана пред него и му се молеше, велејќи: „Дојди во Македонија - помогни ни!”

10. И кога го виде видението, веднаш побаравме да отидеме понатаму во Македонија, заклучувајќи дека Бог нè повикал да им го проповедаме Евангелието.

11. Потоа отпловивме од Троада и патувавме право кон Самотрак, а на идниот ден во Неапол,

12. а оттаму во Филипи, римска колонија и прв град во оној дел на Македонија. Во тој град престојувавме неколку дена.

13. А во саботата излеговме надвор од градската врата, кон реката, каде што имаа обичај да се молат. И седнавме и им зборувавме на собраните жени.

14. И некоја богобојазлива жена по име Лидија, продавачка на пурпурно платно од градот Тиатир, слушаше; и Господ и го отвори срцето да внимава на Павловите зборови.

15. А кога беше крстена таа, и нејзиниот дом, нè замоли, велејќи: „Ако ме признавате за верна на Господа, влезете во мојот дом и останете.” И нè принуди.

16. А кога еднаш одевме на молитва, нè сретна некоја девојка, слугинка, која имаше претскажувачки дух, и која, со вражање, им донесуваше голема печалба на своите господари.

17. Таа одеше по Павла и по нас, викајќи: „Овие луѓе се слуги на Сèвишниот Бог; кои ни проповедаат пат на спасение.”

18. Тоа го правеше многу денови. А кога му досади на Павла, се заврти и му рече на духот: „Ти заповедам во името на Исуса Христа да излезеш од неа!” И излезе во истиот час.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 16