поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И кога поминаа преку Амфипол и Аполонија, пристигнаа во Солун, каде имаше јудејска синагога.

2. И по својот обичај Павле влезе при нив и, три саботи редум, расправаше со нив од Писмото,

3. толкувајќи и докажувајќи дека Христос требаше да пострада и да воскресне од мртвите и дека е Тој Месија - Исус, „Кого јас ви Го проповедам.”

4. И некои од нив се убедија и се дружеа со Павла и Сила; а исто така и големо множество побожни Грци и не малку угледни жени.

5. Но Јудејците поттикнати од завист, зедоа неколку лоши улични мажи, собраа народ и предизвикаа неред во градот и ја нападнаа Јасоновата куќа, и бараа да ги изведат пред народот.

6. А кога не ги најдоа, ги одвлекоа Јасона и некои од браќата пред градските началници, викајќи: „Оние, кои го превртеа наопаку целиот свет, дојдоа и тука!

7. И Јасон ги прими! И сите тие работат против ќесаревите заповеди, тврдејќи дека има друг цар - Исус!”

8. Така ги побунија народот и градските началници, кога го чуја тоа;

9. и откако добија сигурност од Јасона и од другите, ги пуштија.

10. А браќата веднаш, уште во ноќта, ги испратија Павла и Сила во Берија; тие, кога дојдоа таму, отидоа во јудејската синагога.

11. Овие беа поблагородни од оние во Солун, зашто го примија Словото сосем подготвено, и секој ден го испитуваа Писмото дали е така.

12. И мнозина од нив поверуваа; а од угледните елински жени и мажи - не малку.

13. А кога солунските Јудејци узнаа дека Павле и во Берија го проповеда Божјото слово; дојдоа и таму и го раздвижија и го побунија народот.

14. Тогаш браќата веднаш го испратија Павла кон приморјето. А Сила и Тимотеј останаа таму.

15. Придружниците пак го доведоа Павла до Атина, и откако примија заповед за Сила и Тимотеј, да дојдат што поскоро при него, заминаа.

16. Додека Павле ги чекаше во Атина, духот му се огорчи длабоко, гледајќи го градот полн со идоли.

17. И расправаше со Јудејците во синагогата и со побожните; и секој ден на собиралиштето со оние, кои би се нашле таму;

18. А некои од епикурејските и стоичките философи почнаа да се препираат со него; па едни велеа: „Што сака да каже овој празнословец?” А други: „Се гледа дека проповеда туѓи богови,” зашто проповедаше за Исуса и за воскресението.

19. Тогаш го зедоа, го одведоа на Ареопагот и рекоа: „Можеме ли да знаеме каква е таа нова наука, што ја проповедаш?

20. Со чудни тврдења ни ги полниш ушите; затоа сакаме да знаеме што е тоа?”

21. А сите Атињани и странците меѓу нив имаа време само за тоа да кажат или да чујат некаква новост.

22. Тогаш Павле застана среде Ареопагот и рече: „Луѓе Атињани! Гледам по сè дека сте многу побожни.

23. Имено, минувајќи и набљудувајќи ги вашите светини, најдов и жртвеник, на кого е напишано: ‘На непознатиот Бог.’ И така, тоа што вие не познавајќи го - го почитувате, јас ви го проповедам тоа.

24. Бог, Кој го создаде светот и сè што е во него, како Господар на небото и на земјата, не живее во ракотворни храмови

25. ниту прима служба од човечки раце, како да има потреба од нешто; бидејќи Тој, Самиот, им дава на сите: живот, здив и сè.

26. Тој, исто, направи целиот човечки род да потекнува од еден човек и да се насели по лицето на целата земја; откако им определи одредени времиња и граници на нивните живеалишта,

27. за да Го бараат Бога; не би ли Го напипале и нашле некако, зашто Тој не е далеку од ниеден од нас.

28. Зашто во Него живееме, се движиме и постоиме, како што и некои од вашите поети рекле: ‘И ние сме Негов род.’

29. И бидејќи сме Божји род, не треба да мислиме дека Божеството е како злато, или сребро или камен; како творба на човечката уметност и замисла.

30. И така, не гледајќи на времињата на незнаењето - Бог сега им заповеда на луѓето да се покајат сите и насекаде,

31. зашто определил ден, кога ќе му суди праведно на целиот свет - преку Човекот Кого Го определил за тоа; давајќи им на сите уверување со тоа што Го воскресна од мртвите.”

32. А кога чуја за воскресението од мртвите, едни се подигруваа, а други рекоа: „Ќе те слушаме друг пат за тоа.”

33. Така Павле си отиде од нив.

34. Сепак некои мажи се прилепија при него и поверуваа; меѓу кои беа и Дионисиј Ареопагит, жената по име Дамара и други со нив.