6. Но, бидејќи тие се противеа и хулеа, тој ги истресе своите облеки и им рече: „Вашата крв на вашите глави! Јас сум чист и отсега ќе одам при народите.”
7. И се премести оттаму и дојде во домот на некој си Тициј Јуст, богобојазлив човек, а чија куќа беше до синагогата.
8. И Крисп, началник на синагогата, со целиот свој дом, поверува во Господа; и многу Коринтјани, кои го слушаа, поверуваа и се крштаваа.
9. А Господ му рече на Павла, ноќе, во видение: „Не бој се! Но зборувај и не замолкнувај,
10. зашто Јас Сум со тебе! И никој нема да те допре, за да ти направи некакво зло, зашто имам многу народ во овој град.”
11. И така преседе година и шест месеци и ги поучуваше во Божјото слово.
12. А кога Галион беше управител на Ахаја, Јудејците се подигнаа еднодушно против Павла и го доведоа пред судската столица,
13. велејќи: „Овој човек ги наговорува луѓето да Го почитуваат Бога спротивно на Законот.”
14. Кога Павле сакаше да ја отвори устата, Галион им рече на Јудејците: „Ако беше прашање за некаква неправда или за зло дело, о Јудејци, се разбира, би требало да ве трпам.
15. Но ако тоа е прашање за некој збор, за имињата и за вашиот Закон, разгледајте сами; јас не сакам да бидам судија во тие работи.”