8. И Крисп, началник на синагогата, со целиот свој дом, поверува во Господа; и многу Коринтјани, кои го слушаа, поверуваа и се крштаваа.
9. А Господ му рече на Павла, ноќе, во видение: „Не бој се! Но зборувај и не замолкнувај,
10. зашто Јас Сум со тебе! И никој нема да те допре, за да ти направи некакво зло, зашто имам многу народ во овој град.”
11. И така преседе година и шест месеци и ги поучуваше во Божјото слово.
12. А кога Галион беше управител на Ахаја, Јудејците се подигнаа еднодушно против Павла и го доведоа пред судската столица,
13. велејќи: „Овој човек ги наговорува луѓето да Го почитуваат Бога спротивно на Законот.”
14. Кога Павле сакаше да ја отвори устата, Галион им рече на Јудејците: „Ако беше прашање за некаква неправда или за зло дело, о Јудејци, се разбира, би требало да ве трпам.
15. Но ако тоа е прашање за некој збор, за имињата и за вашиот Закон, разгледајте сами; јас не сакам да бидам судија во тие работи.”
16. И ги истера од судската столица.
17. Тогаш сите Грци го фатија началникот на синагогата Состена и го биеја пред судската столица, а Галион не сакаше ни да знае за тоа.
18. Павле остана таму уште многу денови; и тогаш се прости со браќата и отплови за Сирија, а со него Прискила и Акила; во Кенхреја ја острига главата, зашто имаше завет за тоа.
19. А кога стигнаа во Ефес, ги остави, а самиот влезе во синагогата да расправа со Јудејците.
20. А кога го замолија да остане подолго време, не се согласи,
21. туку се прости со нив и рече: „Бездруго празникот што иде треба да го поминам во Ерусалим; и ако Му биде угодно на Бога, пак ќе се вратам при вас.” И отплови за Ефес.