Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 21:3-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

3. А кога ни се покажа Кипар, го оставивме одлево и отпловивме кон Сирија; и слеговме во Тир, зашто таму коработ требаше да се растовари.

4. И кога ги најдовме учениците, останавме таму седум дена. Тие, вдахновени од Духот, му зборуваа на Павла да не оди горе во Ерусалим.

5. И кога ги поминавме тие дни, отидовме оттаму и тргнавме натаму; а тие сите нè испратија со жените и децата, надвор од градот; а на брегот клекнавме и се помоливме.

6. И кога се простивме едни со други, ние влеговме во бродот, а тие се вратија во своите домови.

7. Завршувајќи го пловењето, од Тир стигнавме во Птолемаида, каде ги поздравивме браќата и останавме при нив еден ден.

8. А на идниот ден отпатувавме и дојдовме во Ќесарија и влеговме во куќата на евангелистот Филип, кој беше еден од седуммината, и останавме при него.

9. Тој имаше четири ќерки девици, кои пророкуваа.

10. Бидејќи престојувавме таму многу дни, еден пророк, по име Агав, дојде од Јудеја.

11. И кога дојде при нас го зеде Павловиот појас, си ги врза рацете и нозете, и рече: „Светиот Дух го вели ова: ‘Човекот, чиј е овој појас, Јудејците, во Ерусалим, така ќе го врзат и ќе го предадат во рацете на народите’.”

12. Кога го чувме тоа, и ние и тамошните жители го молевме да не оди горе во Ерусалим.

13. Тогаш Павле одговори: „Што правите? Зошто плачете и ми го кинете срцето? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господа Исуса.”

14. И бидејќи не можевме да наговориме, ние молкнавме и рековме: „Нека биде Господовата волја!”

15. По тие денови се приготвивме и отидовме горе во Ерусалим.

16. Со нас тргнаа и некои ученици од Ќесарија и нè одведоа при некој Мнасон, Кипарец, дамнашен ученик, за да бидеме негови гости.

17. Кога стигнавме во Ерусалим, браќата нè примија радосно.

18. На идниот ден Павле отиде со нас при Јакова, а сите старешини беа присутни.

19. И откако ги поздрави, им раскажа едно по едно сè што Бог, преку неговата служба, направи меѓу народите.

20. А кога го чуја тоа, Го прославија Бога и му рекоа: „Гледаш брате, колку илјади верни има меѓу Јудејците, и сите ревнуваат за Законот;

21. а за тебе се известени дека сите Јудејци, кои се меѓу народите, ги учиш да отстапат од Мојсеја, велејќи им да не ги обрезуваат своите деца, ниту да ги држат обичаите.

22. И така, што сега!? Бездруго ќе чујат дека си дошол.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 21