Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 27:10-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

10. велејќи им: „Мажи, гледам дека пловењето ќе биде со мака и со голема загуба не само за товарот и бродот, туку и за нашите души.”

11. Но стотникот повеќе им веруваше на кормиларот и на сопственикот на бродот отколку на Павловите зборови.

12. Бидејќи пристаништето не беше згодно за зимување, повеќето одлучија да се отплови оттаму, - за да стигнат, ако некако би било возможно, до критското пристаниште Финик, што гледа кон југозапад и северозапад, и да презимуваат таму.

13. А кога дувна јужниот ветер, помислија дека можат да ја остварат својата намера, ја дигнаа котвата и запловија сосем покрај Крит.

14. Но скоро после тоа задува од Крит бурен ветер, наречен североисточник;

15. и кога го зафати коработ, кој не можеше да му се противставува на ветерот; му се предадовме и така нè носеше;

16. и кога поминувавме на завет на едно островче, кое се вика Клавда, одвај можевме да го фатиме чунот,

17. и кога го подигнаа на коработ, ги употребија помошните средства и го изврзаа коработ. Но, боејќи се да не удрат во Сирт, ги спуштија платната и така беа носени натаму.

18. Бидејќи нè зафати жестока бура, на другиот ден почнаа да го исфрлаат товарот;

19. а на третиот ден со свои раце ја исфрлија опремата од коработ.

20. Бидејќи повеќе денови не се покажаа ни сонцето ни ѕвездите, а силната бура не попушташе, најпосле исчезна секоја надеж дека ќе се спасиме.

21. А после долго нејадење, Павле застана меѓу нив и рече: „Мажи, требаше да ме послушате и да не тргнуваме од Крит, и ќе бевме поштедени од оваа неволја и штета.

22. И сега ве опоменувам да бидете бодри, зашто ниедна душа од вас нема да се изгуби, освен коработ.

23. Зашто ангел од Бога, Кому Му припаѓам и Кому Му служам, застана до мене ноќеска,

24. и рече: „Не бој се, Павле! Ти треба да дојдеш пред ќесарот, и еве, Бог ти ги подарува сите, кои пловат со тебе.”

25. Затоа, мажи, бидете смели! Зашто Му верувам на Бога, дека ќе биде така како што ми е ветено.

26. Но, ние треба да бидеме исфрлени на некој остров.”

27. А кога настапи четиринаесеттата ноќ, откако бевме терани таму-ваму по Адрија, околу полноќ, бродарите почувствуваа дека се приближуваме до некоја земја.

28. Го фрлија висакот за мерење на длабочина и најдоа дваесет фати, длабочина. Малку потаму го фрлија пак и најдоа петнаесет фати.

29. Боејќи се да не удриме во гребените, спуштија четири котви од задниот дел на бродот; и чекаа да се раздени.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 27