Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 4:13-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Кога ја видоа Петровата и Јовановата смелост и забележија дека се некнижевни и неуки луѓе; се чудеа; ги препознаа дека беа со Исуса,

14. но го гледаа исцелениот човек, како стои со нив, па немаа што да им приговорат.

15. Им наредија да излезат од Синедрионот и почнаа да се советуваат меѓу себе: „Што да правиме со овие луѓе?

16. Зашто на сите жители на Ерусалим им е познато дека значајно чудо се случи преку нив, а ние не можеме да го одречеме.

17. Но за да не се разгласи и натаму по народот, да им се заканиме, да не му зборуваат веќе никому во тоа име!”

18. Тогаш ги повикаа внатре и им заповедаа воопшто да не зборуваат, ниту да поучуваат во Исусово име.

19. Но Петар и Јован им рекоа во одговор: „Право ли е пред Бога, да ве слушаме вас повеќе отколку Бога! Судете!

20. Зашто, ние не можеме да не зборуваме за она, што сме го виделе и чуле.”

21. И бидејќи не најдоа пат и начин како да ги казнат, им се заканија уште еднаш и ги пуштија поради народот, зашто сите Го славеа Бога, за она што се случи.

22. Човекот, над кого се случи ова чудо на исцелување, имаше повеќе од четириесет години.

23. Штом беа пуштени на слобода, дојдоа при своите и им кажаа сè што им рекоа свештеничките главатари и старешините.

24. А тие, кога го чуја тоа, еднодушно го подигнаа гласот кон Бога и рекоа: „Господаре! Ти си Бог Кој ги создаде небото и земјата, морето и сè што се наоѓа во нив!

25. Ти, преку Светиот Дух, со устата на Својот слуга Давид рече: ‘Зошто се бунат народите, и зошто племињата замислуваат празни работи?

26. Се дигнаа земските цареви, а кнезовите се здружија против Господа и против Неговиот Помазаник - Христос.’

27. Навистина се здружија во овој град Ирод и Понтие Пилат, заедно со народите и со израелските племиња, против Твоето Свето Дете Исус, Кого си Го помазал,

28. за да го направат она што Твојата сила и Твојата волја, однапред, го определила да се збидне.

29. А сега, Господи, погледај на нивните закани, и дај им на Твоите слуги да го проповедаат Твоето Слово сосем смело,

30. протегнувајќи ја при тоа Твојата рака, за да стануваат исцелувања и знаци, и чудеса, преку името на Твоето Свето Дете Исус!”

31. А кога се помолија, се стресе местото каде што беа собрани. И сите се исполнија со Светиот Дух и смело го проповедаа Божјото Слово.

32. А множеството на оние, кои поверуваа, имаше едно срце и една душа, и никој не велеше дека нешто од неговиот имот е негово, туку сè им беше општо.

33. Апостолите сведочеа многу силно за воскресението на Господа Исуса и голема благодат беше над сите нив.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 4