Стар Завет

Нов Завет

Евреите 9:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Секако, и првиот завет имаше наредби за богослужение и земно светилиште.

2. Зашто беше приготвен првиот дел на Шаторот, во кој беше светилникот и трпезата, и положените лебови, што се вика Светина.

3. А зад втората завеса на Шатарот беше другиот дел, наречен Светина над Светините

4. со златниот жртвеник за кадење и ковчегот на заветот, опкован со злато од сите страни, во кој беше златниот сад со мана и со расцутениот Аронов жезол, и Плочите на заветот,

5. а над него херувимите на славата, кои го засенуваа Поклопецот на Помирувалиштето; а за сè ова сега не може да се зборува подетално.

6. При таквиот распоред, во првиот дел на Шаторот секогаш влегуваат свештениците, кога ја извршуваат својата служба,

7. а во вториот дел, само првосвештеникот еднаш во годината, и тоа не без крв, што ја принесува за своите и за гревовите на народот направени од незнаење.

8. Со тоа Светиот Дух покажува дека патов во Светината над светините уште не е откриен; додека уште постои првиот дел на Шаторот,

9. кој е симболична слика за сегашното време, според која се принесуваат дарови и жртви, кои во однос на совеста не можат да го доведат до совршенство оној, кој Му служи така,

10. зашто се засновуваат само врз јадења и пиења, и разни миења - како прописите за телото наложени до времето на поправањето.

11. А Христос откако се појави како Првосвештеник на идните добра и влезе низ поголем и посовршен Шатор, што не е направен со рака, односно која не е од оваа создавање,

12. влезе еднаш засекогаш во Светината над светините, и тоа не со крвта на јарци и јунци, туку преку Својата крв, и ни прибави вечен откуп.

13. Зашто, ако крвта на јарците и биковите и пепелта од јуница, со која се попрскуваат осквернетите, осветува за чистење на телото,

14. колку ли повеќе крвта на Христа, Кој преку вечниот Дух Му се принесе Сам Себеси на Бога без недостаток, ќе ја очисти нашата совест од мртвите дела, за да Му служиме на живиот Бог.

15. Затоа Тој е Посредник на Новиот завет: за повиканите да го примат ветувањето за вечното наследство, откако смртта зеде место за откуп на престапите направени во првиот завет.

Прочитајте целосна глава Евреите 9