Стар Завет

Нов Завет

Јован 6:2-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

2. Многу народ одеше по Него, зашто ги гледаа чудесата, што ги правеше над болните.

3. Исус се искачи на гората и седеше таму со Своите ученици.

4. А наближуваше јудејскиот празник - Пасхата.

5. Тогаш Исус ги подигна очите и виде дека многу народ доаѓа кон Него, па му рече на Филипа: „Каде да купиме леб, за да се нахранат овие?”

6. Тоа го рече за да го искуша; зашто Самиот знаеше што ќе направи.

7. Филип Му одговори: „Не ќе им стигне леб за двеста денарии, па секој од нив да добие по малку.”

8. Еден од Неговите ученици, Андреј братот на Симона Петра, Му рече:

9. ”Тука има едно момче, кое има пет јачмени лебови и две риби; но што е тоа за толкаво множество?”

10. А Исус рече: „Нека поседнат луѓето!” Имено, имаше многу трева на местото, па поседнаа луѓето, на број околу пет илјади.

11. Тогаш, Исус ги зеде лебовите, заблагодари и им ги раздаде на учениците, а учениците на оние што поседнаа; исто така и од рибите, колку што сакаа.

12. Кога се наситија, им рече на Своите ученици: „Соберете ги останатите парчиња, за да не пропадне ништо!”

13. И така, ги собраа и наполнија дванаесет кошници со парчиња од петте јачмени лебови, што им останаа на оние, кои јадеа.

14. Луѓето, кога го видоа чудото што го направи, рекоа: „Овој е навистина Пророкот, Кој требаше да дојде на светот.”

15. Исус, - штом разбра дека сакаат да дојдат и да го одвлечат насила, за да Го направат цар - пак се повлече сосем Сам во гората.

16. Кога се приквечери, Неговите ученици слегоа до морето,

17. и влегоа во кораб и отидоа преку морето во Капернаум. Веќе се стемни, а Исус уште не беше дојден при нив.

18. Морето се разбранува, оти дуваше силен ветер.

19. Откако одвеслаа околу дваесет и пет или триесет стадии, Го видоа Исуса како оди по морето и се приближува кон коработ; па се исплашија.

20. Но Тој им рече: „Јас Сум, не бојте се!”

21. Тие сакаа да Го земат во коработ, а коработ се најде веднаш на брегот, каде што одеа.

Прочитајте целосна глава Јован 6