поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Стар Завет

Нов Завет

Марко 2 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И кога по неколку дена пак дојде во Капернаум; се чу дека е во куќа.

2. И се собраа мнозина, така што немаше веќе место пред вратата; и им го проповедаше Словото.

3. И дојдоа при Него носејќи фатен, кого го носеа четворица.

4. И како не можеа да го донесат до Него, заради народот, го открија покривот над местото каде што беше, и го пробија и ја спуштија постелата, на која лежеше фатениот.

5. А Исус, кога ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Синко, ти се опростуваат гревовите.”

6. А некои од книжниците седеа таму и размислуваа во своите срца:

7. ”Што зборува Овој вака? Тој хули! Кој може да опростува гревови, освен Еден Бог?”

8. И Исус веднаш штом созна со Својот дух дека тие размислуваат така во себе, им рече: „Зошто размислувате така во своите срца?

9. Што е полесно да му се рече на фатениот: ‘Ти се опростуваат гревовите,’ или да му се рече: ‘Стани и земи ја својата постела, и оди!’

10. Но за да знаете дека Човечкиот Син има власт да ги опростува гревовите на земјата, му рече на фатениот:

11. ”Тебе ти зборувам - стани, подигни ја својата постела и оди си дома!”

12. И стана, веднаш ја подигна постелата, и излезе пред сите, така што сите се восхитуваа и Го славеа Бога, велејќи: „Такво нешто уште никогаш не видовме!”

13. И излезе пак покрај морето; и целото множество доаѓаше при Него, и го поучуваше.

14. И минувајќи, го виде Левија Алфеев, како седи во царинарницата, и му рече: „Врви по Мене!” И тој стана и тргна по Него.

15. И кога прилегна покрај трпезата во неговата куќа, многу цариници и грешници беа покрај трпезата, со Исуса и со Неговите ученици, зашто ги имаше мнозина, и врвеа по Него.

16. А кога книжниците и фарисеите Го видоа како јаде со грешниците и цариниците, им рекоа на Неговите ученици: „Зошто јаде и пие заедно со цариниците и грешниците?”

17. А Исус, кога го чу тоа, им рече: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните. Не дојдов да ги викам праведните - туку грешниците на покајание.”

18. Јовановите ученици и фарисеите постеа. И дојдоа и Му рекоа: „Зошто Јовановите ученици и учениците на фарисеите постат, а Твоите ученици не постат?”

19. Исус им рече: „Можат ли сватовите да постат додека е младоженецот со нив? Додека го имаат со себе младоженецот, не можат да постат.

20. Но, ќе дојдат дни кога ќе им го грабнат младоженецот од нив; и тогаш - во тој ден - ќе постат.

21. Никој не пришива крпа од ново сукно врз стара облека. Инаку, закрпата го кине од неа новото од старото, и скинатото ќе биде полошо.

22. И никој не налева ново вино во стари мевови; инаку новото вино ќе ги скине мевовите, па ќе пропаднат и виното и мевовите. Туку, ново вино - во нови мевови!”

23. А кога во сабота одеше низ посевите, Неговите ученици почнаа да прават пат, кинејќи класје.

24. И фарисеите Му рекоа: „Гледај! Зошто го прават во сабота тоа што не е дозволено?”

25. Им рече: „Зар никогаш не сте читале, што направи Давид кога беше во неволја и кога огладне тој и оние, кои беа со него?

26. Како влезе во Божјиот дом, во времето на првосвештеникот Авијатар, и ги изеде поставените лебови, кои никој не смее да ги јаде, освен свештениците; и им даде на оние, кои беа со него!”

27. И им рече: „Саботата е воспоставена заради човекот, а не човекот заради саботата.

28. Така, Човечкиот Син е Господар и на саботата.”