Стар Завет

Нов Завет

Матеј 6:25-34 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

25. ”Затоа ви велам: не грижете се за својата душа, што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за своето тело, што ќе облечете. Зар душата не е повеќе од храната, и телото од облеката?

26. Погледнете ги птиците небесни! Тие ниту сеат, ниту жнијат, ниту собираат во житници, и пак вашиот небесен Татко ги храни. Зар не сте вредни многу повеќе од нив?

27. Кој од вас може, грижејќи се, да му придаде на својот раст еден лакот?

28. Зошто се грижите и за облеклото? Погледнете ги полските лилјани како растат; не се трудат, ниту предат;

29. а Јас ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава, не се облече како еден од нив.

30. И, ако Бог ја облекува така полската трева, што денес е, а утре ја фрлаат во печка, нема ли многу повеќе вас, маловерни?

31. И така не грижете се, велејќи: ‘Што ќе јадеме?’ или: ‘Што ќе пиеме?’ или: ‘Што ќе облечеме?’

32. Зашто сето тоа го бараат народите, зашто вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето ова.

33. Но, барајте го првин царството Божјо и Неговата правда, и сè тоа ќе ви се додаде.

34. И така, не грижете се за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе се грижи за себеси. Доста му е на секој ден неговото зло.”

Прочитајте целосна глава Матеј 6