поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22

Стар Завет

Нов Завет

Откровение 9 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И петтиот ангел затруби: и видов ѕвезда, што падна од небото на земјата, и и беше даден клучот од кладенецот на Бездната.

2. И го отвори кладенецот на Бездната, и од кладенецот се издигна дим, како дим од голема печка, а сонцето и воздухот потемнеа од димот на изворот.

3. И од димот излегоа скакулци по земјата, па им беше дадена сила, каква имаат земните скорпии.

4. И им беше речено: да не ја повредуваат земната трева, ниту некакво зеленило, ниту некакво дрво, туку само оние луѓе, кои немаат Божји печат на своите чела.

5. И им беше дадено да не ги убиваат, туку да ги мачат пет месеци; и нивното мачење беше како измачување од скорпија, кога каснува човек.

6. А во тие дни луѓето ќе ја бараат смртта, но нема да ја најдат; ќе сакаат да умрат, но смртта ќе бега од нив.

7. А скакулците по својот облик - личеа на коњи, приготвени за војна: а на нивните глави беа круни слични на злато, а лицата им беа како човечки лица.

8. И имаа коси како женска коса, а забите им беа како на лавови;

9. имаа оклопи како железни оклопи, а шумот на нивните крила беше како татнеж на воени коли со многу коњи, кои итаа во бој.

10. И имаа опашки и осила како кај скорпиите; а во нивните опашки беше нивната сила да им пакостат на луѓето пет месеци.

11. Над себе го имаа за цар ангелот на Бездната, кому името на еврејски јазик е Авадон (Погубител), а на грчки се вика Аполион.

12. Едно зло помина, и еве, доаѓаат уште две зла по него.

13. И шестиот ангел затруби: и чув еден глас од четирите рога на златниот жртвеник пред Бога,

14. како му зборува на шестиот ангел, кој имаше труба: „Одврзи ги четирите ангела, кои се врзани при големата река Еуфрат!”

15. И беа одврзани четирите ангела, приготвени за час, за ден, за месец и за година, да убијат третина од луѓето.

16. А бројот на војувачките коњаници беше двеста милиони - го чув нивниот број.

17. И во привидот вака ги видов коњите и оние, кои седеа на нив: имаа огнени оклопи, и синкасти и сулфурни; а главите на коњите личеа на глави на лавови, и од нивните усти излегуваа оган и дим и сулфур.

18. Од овие три зла - од огнот, од димот и од сулфурот, што излегуваа од нивните усти, загина третина од луѓето.

19. Зашто силата на коњите беше во нивните усти и во нивните опашки: имено, нивните опашки се слични на змиите, имаат глави и пакостат со нив.

20. А другите луѓе, кои не загинаа од овие зла, не се покајаа за делата на своите раце, да не им се поклонуваат на бесовите и на златните, сребрените, бронзените, камените и дрвените идоли, кои не можат ниту да гледаат, ниту да слушаат, ниту да одат.

21. И не се покајаа за своите убиства, ниту за своите вражања, ниту за своите блудства, ниту за своите кражби.