Стар Завет

Нов Завет

1 Летописи 11:1-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Тогаш сите Израелци се собраа кај Давида во Хеврон и рекоа: „Еве, ние сме од твојата коска и од твоето месо.

2. Уште порано, додека Саул беше цар, ти управуваше со сите движења на Израел; Господ, твојот Бог, ти рече: ‘Ти ќе го пасеш Мојот Израелски народ, и ти ќе бидеш водач над Мојот народ Израел.’”

3. Така дојдоа сите израелеви старешини кај царот во Хеврон, а царот Давид склучи со нив сојуз во Хеврон пред Господа, и го помазаа Давида за цар над Израел, како што Господ му имаше речено на Самоила.

4. Тогаш Давид отиде со сите Израелци во Ерусалим, а тоа е Евус, зашто таму беа Евусејците и живееја во онаа земја.

5. Но Евусејците му порачаа на Давида: „Не ќе влезеш ваму!” Сепак Давид ја освои Сионската Тврдина, односно Давидовиот Град.

6. Зашто Давид рече: „Кој прв ќе ги порази Евусејците, ќе биде врховен началник и кнез.” Прв се искачи Серуиниот син Јоав и стана началник.

7. Тогаш Давид се насели во таа тврдина; затоа ја нарекоа Давидов Град.

8. Тогаш го изгради градот наоколу, од Милон до оградата, а Јоав го обнови другиот дел на градот.

9. Давид стануваше сè посилен, зашто Господ над Војските беше со него.

10. Еве ги началниците на Давидовите јунаци кои работеа јуначки покрај него за неговото царство со сиот Израел за да го зацарат, според Господовото слово, над Израел.

11. Еве го пописот на Давидовите јунаци: Ахмониевиот син Јасовеам, главатар на триесетмина; тој замавна со своето копје на триста и ги погуби одеднаш.

Прочитајте целосна глава 1 Летописи 11