Стар Завет

Нов Завет

1 Летописи 11:1-9 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Тогаш сите Израелци се собраа кај Давида во Хеврон и рекоа: „Еве, ние сме од твојата коска и од твоето месо.

2. Уште порано, додека Саул беше цар, ти управуваше со сите движења на Израел; Господ, твојот Бог, ти рече: ‘Ти ќе го пасеш Мојот Израелски народ, и ти ќе бидеш водач над Мојот народ Израел.’”

3. Така дојдоа сите израелеви старешини кај царот во Хеврон, а царот Давид склучи со нив сојуз во Хеврон пред Господа, и го помазаа Давида за цар над Израел, како што Господ му имаше речено на Самоила.

4. Тогаш Давид отиде со сите Израелци во Ерусалим, а тоа е Евус, зашто таму беа Евусејците и живееја во онаа земја.

5. Но Евусејците му порачаа на Давида: „Не ќе влезеш ваму!” Сепак Давид ја освои Сионската Тврдина, односно Давидовиот Град.

6. Зашто Давид рече: „Кој прв ќе ги порази Евусејците, ќе биде врховен началник и кнез.” Прв се искачи Серуиниот син Јоав и стана началник.

7. Тогаш Давид се насели во таа тврдина; затоа ја нарекоа Давидов Град.

8. Тогаш го изгради градот наоколу, од Милон до оградата, а Јоав го обнови другиот дел на градот.

9. Давид стануваше сè посилен, зашто Господ над Војските беше со него.

Прочитајте целосна глава 1 Летописи 11