Стар Завет

Нов Завет

1 Летописи 21:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Тогаш Сатаната стана против Израел и го поттикна Давида да го изброи Израел.

2. Царот им рече на Јоава и на народните кнезови: „Одете, пребројте ги Израелците од Вирсавеа па до Дан и кажете ми колку се на број.”

3. Јоав рече: „Господ нека му даде на Својот народ уште стопати оволку колку што е сега! Не се ли, мој господару цару, сите тие слуги на мојот господар? Зошто го бара тоа мојот господар? Зошто да биде вината на Израел?”

4. Но царскиот збор беше посилен од Јоавовиот. Така Јоав отиде и почна да го обиколува сиот Израел, а тогаш, најпосле, се врати во Ерусалим.

5. Јоав му го даде на Давида списокот на преброениот народ; а имаше во целиот Израел единаесет пати по сто илјади кои мавтаа со меч, а во Јуда четири стотини и седумдесет илјади мажи кои мавтаа со меч.

6. Тој не ги преброи меѓу нив племињата на Леви и на Венијамин, зашто царската заповед му беше одвратна.

7. Тоа беше гнасно и во Божјите очи, па Бог го удри Израел.

8. Давид Му рече на Бога: „Многу згрешив зашто го направив тоа. Но прости му ја вината на Својот слуга, зашто работев мошне безумно!”

9. Господ му рече на Давидовиот гледач Гад:

10. „Оди и кажи му на Давида: ‘Господ вели вака: „Три работи ставам пред тебе, избери си едно од тоа за да ти сторам!”‘“

11. Откако дојде кај Давида, Гад му рече: „Господ вели вака: ‘Избери си за себе

12. или глад за три години, или ти да бегаш три месеци пред непријателите, и да те стига мечот на твоите непријатели, или три дни Господовиот меч и морот да бидат на земјата, и Господовиот ангел да убива по сите израелски краишта.’ Сега размисли и гледај што да му одговорам на Оној што ме испрати!”

13. Давид му рече на Гада: „На голема мака сум! Ах, нека паднам во Господовите раце, зашто е големо Неговото милосрдие, а да не паднам во човечки раце!”

14. Така Господ испрати помор на Израел, та изумреа седумдесет илјади Израелци.

Прочитајте целосна глава 1 Летописи 21