Стар Завет

Нов Завет

1 Летописи 21:10-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

10. „Оди и кажи му на Давида: ‘Господ вели вака: „Три работи ставам пред тебе, избери си едно од тоа за да ти сторам!”‘“

11. Откако дојде кај Давида, Гад му рече: „Господ вели вака: ‘Избери си за себе

12. или глад за три години, или ти да бегаш три месеци пред непријателите, и да те стига мечот на твоите непријатели, или три дни Господовиот меч и морот да бидат на земјата, и Господовиот ангел да убива по сите израелски краишта.’ Сега размисли и гледај што да му одговорам на Оној што ме испрати!”

13. Давид му рече на Гада: „На голема мака сум! Ах, нека паднам во Господовите раце, зашто е големо Неговото милосрдие, а да не паднам во човечки раце!”

14. Така Господ испрати помор на Израел, та изумреа седумдесет илјади Израелци.

15. Бог испрати ангел против Ерусалим за да го истребува; а кога почна да го истребува, Господ погледна и Му се сожали заради злото, па Му рече на ангелот погубувач: „Доста е сега, спушти ја раката!” Господовиот ангел стоеше покрај гумното на Евусеецот Орнан.

16. Давид, откако ги подигна очите, го виде Господовиот ангел како стои меѓу земјата и небото држејќи во раката извлечен меч, што го имаше кренато на Ерусалим, и тој падна ничкум со старешините облечени во вреќиште.

17. Давид Му рече на Бога: „Не заповедав ли јас да се преброи народот? И така, јас сум оној кој згреши и кој направи големо зло, а што сторија тие овци? Господи, Боже мој, нека Твојата рака дојде на мене и на мојот татков дом, а не на тој народ за да го погубиш!”

18. Тогаш Господовиот ангел му рече на Гад да му каже на Давида, за да излезе и да Му подигне жртвеник на Господа на гумното на Евусеецот Орнан.

19. Давид отиде според словото што му го кажа Гад во Господово Име.

20. А Орнан, откако се сврте, го забележа ангелот, а неговите четири синови се сокрија. Орнан вршеше пченица.

21. Тогаш Давид дојде до Орнана, а тој, откако погледна и го забележа Давида, дојде од гумното и му се поклони на Давида со лицето до земјата.

Прочитајте целосна глава 1 Летописи 21