Стар Завет

Нов Завет

1 Летописи 21:18-30 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. Тогаш Господовиот ангел му рече на Гад да му каже на Давида, за да излезе и да Му подигне жртвеник на Господа на гумното на Евусеецот Орнан.

19. Давид отиде според словото што му го кажа Гад во Господово Име.

20. А Орнан, откако се сврте, го забележа ангелот, а неговите четири синови се сокрија. Орнан вршеше пченица.

21. Тогаш Давид дојде до Орнана, а тој, откако погледна и го забележа Давида, дојде од гумното и му се поклони на Давида со лицето до земјата.

22. Тогаш Давид му рече на Орнан: „Дај ми го тоа гумно за да Му изградам жртвеник на Господа; дај ми го за полна цена, за да прекрати морот во народот!”

23. Орнан му одговори на Давида: „Мојот господар царот нека го земе и нека прави што е добро во неговите очи; еве ти давам говеда за паленици, вршечките орудија за дрва, и пченица за принос; ти го подарувам сè тоа.”

24. Царот Давид му рече на Орнана: „Не, туку сакам да купам од тебе и да платам, зашто не сакам да Му принесувам на Господа што е твое, да принесувам паленици што ми се подарени.”

25. И Давид му даде на Орнана за тоа место шест стотини златни шекели на мера.

26. Тогаш Му изгради жртвеник на Господа таму и принесе паленици и помирителни жртви; а кога Го повика Господа, Тој го послуша спуштајќи оган од небото на жртвеникот за паленици.

27. Господ му нареди на ангелот да го врати мечот во ножницата.

28. Во она време, откако виде дека Господ го послуша на гумното на Евусеецот Орнан, Давид почна да принесува жртви таму.

29. Господовото Престојувалиште, што го направи Мојсеј во пустината, и жртвеникот за паленици, беше во тоа време на возвишението во Гаваон.

30. Давид не можеше да оди таму да Го бара Бога, зашто го опфати страв од мечот на Господовиот ангел.

Прочитајте целосна глава 1 Летописи 21