Стар Завет

Нов Завет

1 Летописи 29:1-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Царот Давид му рече на сиот собир: „Бог го избра мојот син Соломон, младо и нежно момче, а ова е голема работа, зашто дворецот нема да биде за човек, туку за Господ Бог.

2. Подготвив колку што можев, за Домот на својот Бог: злато за златните работи и сребро за сребрените, бронза за бронзените, железо за железните, дрво за дрвените; ониксови камења и бесцени камења за всадување, бесцени камења за украс и шарени бесцени камења, секакви скапоцени камења, и изобилство мермер.

3. Од љубов кон Бога уште го давам и своето злато и сребро, освен сè што подготвив за светиот Дом.

4. Три илјади златни таланти офирско злато и седум илјади таланти чисто сребро, за да бидат обложени ѕидовите на просториите.

5. Злато за златните работи, а среброто за сребрените и за секое дело на уметнички раце. Дали денес уште некој сака да Му приложи нешто со својата рака на Господа?”

6. Тогаш доброволно приложија кнезовите на семејствата и кнезовите на израелските племиња, илјадниците, стотниците и надгледувачите над царските работи.

7. Дадоа за служба во Божјиот Дом пет илјади таланти злато и десет илјади златници - драхми, десет илјади таланти сребро, осумнаесет илјади таланти бронза, сто илјади таланти железо.

8. Во кого се најдоа бесцени камења, сите даруваа во ризницата на Господовиот Дом, на рацете на Гирсоновецот Јехил.

9. Народот се веселеше зашто прилагаа доброволно, зашто Му прилагаа со искрено срце на Господа; и царот Давид се радуваше многу.

10. Потоа Давид Го благослови Господа пред сиот собир. И Давид рече: „Благословен да си, Господи, Боже на нашиот татко Израел, одвека довека!

11. Твоја е, Господи, величината, силата, славата, сјајот и величеството, зашто е Твое сè што е на небото и на земјата; Твое е, Господи, царството, и Ти си возвишен над сè, Главатар на сè!

12. Од Тебе се богатсвото и славата, Ти владееш над сите, во Твојата рака се силата и моќта, во Твојата власт е да направиш големо и силно сè.

13. И Те славиме, Боже наш, и Го фалиме Твоето славно Име.”

14. ”Кој сум јас, и што е мојот народ, за да имаме сила да Ти принесеме Тебе доброволно оволку? Од Тебе е сè, и откако примивме од Твоите раце, Ти дадовме Тебе!

15. Придојденици сме пред Тебе, населници како сите наши татковци; нашите денови на земјата минуваат како сенка, и нема надеж.

16. Господи, Боже наш, сето ова големо богатство што го подготвивме за градење на Дом за Тебе, за Твоето свето Име, од Твојата рака е, и сè е Твое!

17. Но знам, о Боже мој, дека Ти ги испитуваш срцата и дека ја љубиш искреноста; јас го принесов сè ова доброволно со искрено срце, и со радост го гледав Твојот народ, кој е тука, како Ти принесува доброволно.

Прочитајте целосна глава 1 Летописи 29