11. Твоја е, Господи, величината, силата, славата, сјајот и величеството, зашто е Твое сè што е на небото и на земјата; Твое е, Господи, царството, и Ти си возвишен над сè, Главатар на сè!
12. Од Тебе се богатсвото и славата, Ти владееш над сите, во Твојата рака се силата и моќта, во Твојата власт е да направиш големо и силно сè.
13. И Те славиме, Боже наш, и Го фалиме Твоето славно Име.”
14. ”Кој сум јас, и што е мојот народ, за да имаме сила да Ти принесеме Тебе доброволно оволку? Од Тебе е сè, и откако примивме од Твоите раце, Ти дадовме Тебе!
15. Придојденици сме пред Тебе, населници како сите наши татковци; нашите денови на земјата минуваат како сенка, и нема надеж.
16. Господи, Боже наш, сето ова големо богатство што го подготвивме за градење на Дом за Тебе, за Твоето свето Име, од Твојата рака е, и сè е Твое!
17. Но знам, о Боже мој, дека Ти ги испитуваш срцата и дека ја љубиш искреноста; јас го принесов сè ова доброволно со искрено срце, и со радост го гледав Твојот народ, кој е тука, како Ти принесува доброволно.
18. Господе, Боже на нашите татковци Авраам, Исак и Јаков, запази ја довека во срцето на Својот народ таа мисла и намера и насочи го неговото срце кон Себе!
19. А на мојот син Соломон дај му чесно срце за да ги пази Твоите заповеди, Твоите одредби и Твоите уредби, за да врши сè и за да го изгради дворецот за кого подготвив сè!”
20. Тогаш Давид му рече на сиот собир: „Благословете Го сега Господа, својот Бог!” И сиот собир Го благослови Господа, Бога на своите татковци и, откако падна ничкум, им се поклони на Господа и на царот.
21. Му жртвуваа на Господа жртви и Му принесоа на Господа паленици утреден: илјада јунци, илјада овни, илјада јагниња со нивните налевници, многу други жртви за сиот Израел.
22. Јадеа и пиеја пред Господа во оној ден, радувајќи се многу. Го зацарија повторно Давидовиот син Соломон и го помазаа според Господовата волја за врховен управител, а Садок за свештеник.