Стар Завет

Нов Завет

1 Летописи 29:19-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

19. А на мојот син Соломон дај му чесно срце за да ги пази Твоите заповеди, Твоите одредби и Твоите уредби, за да врши сè и за да го изгради дворецот за кого подготвив сè!”

20. Тогаш Давид му рече на сиот собир: „Благословете Го сега Господа, својот Бог!” И сиот собир Го благослови Господа, Бога на своите татковци и, откако падна ничкум, им се поклони на Господа и на царот.

21. Му жртвуваа на Господа жртви и Му принесоа на Господа паленици утреден: илјада јунци, илјада овни, илјада јагниња со нивните налевници, многу други жртви за сиот Израел.

22. Јадеа и пиеја пред Господа во оној ден, радувајќи се многу. Го зацарија повторно Давидовиот син Соломон и го помазаа според Господовата волја за врховен управител, а Садок за свештеник.

23. Така Соломон седна на Господовиот престол за да царува на место на својот татко Давид. Беше среќен, и сиот Израел го слушаше.

24. Сите кнезови и јунаци, и сите синови на цар Давид, му ја подадоа раката на Соломон и му ветија свечено покорност.

25. Господ го возвиши многу Соломона пред очите на сиот Израел и му даде на неговото царство величество какво немаше ниеден цар пред него во Израел.

26. Така Јесеевиот син Давид царуваше над сиот Израел.

27. Царуваше четириесет години над Израел; царуваше седум години во Хеврон; царуваше триесет и три години во Ерусалим.

Прочитајте целосна глава 1 Летописи 29