Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 14:14-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. Господ ќе си постави цар над Израел, и тој ќе ја истреби Јеровоамовата куќа. Еве го денот! Што? Дури и мигот!

15. Господ ќе го удри Израел, па ќе се ниша како трска во водата. Ќе го откорне Израел од оваа добра земја, што им ја даде на нивните татковци, и ќе ги расее од онаа страна на Реката, зашто си направија за себе ашери што го расрдуваат Господа.

16. Ќе го отфрли Израел како буниште, заради гревовите што ги направи Јеровоам и на кои го наведуваше Израел.”

17. Јеровоамовата жена стана и си отиде. Стигна во Терса, а кога преминуваше преку куќниот праг, детето беше мртво.

18. Го закопаа, и сиот Израел го оплака според зборот што Господ го рече преку Својот слуга пророкот Ахиј.

19. Другите Јеровоамови дела, како војуваше и царуваше, тоа е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви.

20. Јеровоамовото царување траеше дваесет и две години, потоа Јеровоам почина покрај своите татковци, а неговиот син Надав зацарува место него.

21. Ровоам, синот Соломонов, беше јудејски цар; имаше четириесет и една година кога стана цар, а седумнаесет години царуваше во Ерусалим, во градот што Господ го избра меѓу сите израелски племиња за да го постави таму Своето Име. Мајка му се викаше Нама, а беше Амонка.

22. И Јуда направи зло во Господовите очи. Со гревовите што ги направија го разјарија повеќе од сè што направија нивните татковци.

23. Зашто и тие подигнаа високи места, столбови и ашери на секое ритче и под секое зелено дрво.

24. Имаше и посветени блудници (содомци) во земјата. Ги поддржуваше сите грозотии на народите што Господ ги протера пред Израелевите синови.

25. Во петтата година на Ровоамовото царување египетскиот цар Сисак нападна на Ерусалим.

26. Го ограби сето богатство од Господовиот Дом и од ризницата на царскиот дворец; зеде сè; ги зеде и сите златни штитови што ги имаше направено Соломон.

27. Место нив царот Ровоам направи бронзени штитови и им ги довери на заповедниците на стражата што ја чуваа вратата на царскиот двор.

28. Кога царот одеше во Господовиот Дом, стражарите ги земаа, а после ги враќаа во стражарницата на телохранителите.

29. Другата Ровоамова повест, сè што направил, зар не е запишана во книжниот свиток Летописи на царевите на Јудеја?

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 14