Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 8:41-53 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

41. Па и туѓинецот, кој не е од твојот Израелски народ, туку пристигнал од далечна земја заради Твоето Име,

42. зашто чул за Твоето големо Име, за Твојата силна рака и за Твојата подигната мишка - ако дојде и ако се помоли во овој Храм,

43. послушај го од небото, каде што престојуваш, послушај ги сите негови извикувања, за да го запознаат сите земни народи Твоето Име и за да се бојат од Тебе како Твојот народ Израел, и за да знаат дека Твоето Име е повикано над овој Дом што го изградив.

44. Ако Твојот народ тргне против непријателот, по пат по кој што ќе го упатиш Ти, и ако Му се помоли на Господа, свртен кон овој град што си го избрал и кон Домот што му го изградив на Твоето Име,

45. послушај му ги од небото молитвата и просењето, и направи му правда.

46. Кога ќе Ти згрешат, зашто нема човек кој не греши, а Ти, откако ќе се насрдиш на нив, ќе ги предадеш на непријателите да ги заробат и да ги одведат како робје во далечна или во блиска земја,

47. па ако се покајат со срцето во земјата во која ќе бидат доведени и ако почнат да Те молат за милост во земјата на своите освојувачи, велејќи: ‘Згрешивме, бевме лоши и опаки,’

48. и ако така се обратат кон Тебе со сето срце и со сета душа во земјата на своето ропство во која ќе бидат доведени како робови, и ако се помолат свртени кон земјата што Ти им ја даде на нивните татковци, и кон градот што си го избрал, и кон Домот што му го изградив јас на Твоето Име,

49. послушај ги од небото, каде што престојуваш, нивната молба и нивните просења,

50. направи им правда, и прости му на Својот народ зашто згреши против Тебе, прости ги сите навреди што ти ги нанесе, направи за да му се смилуваат освојувачите и за да бидат милостиви спрема него,

51. бидејќи тие се Твој народ и Твое наследство, нив ги изведе од Египет, од вжерената печка.

52. Твоите очи нека бидат отворени за молитвата на Твојот слуга и за просењата на Твојот народ Израел, за да ги чуеш сите нивни молби што ќе Ти ги упатат Тебе.

53. Зашто Ти ги оддвои од сите народи на земјата за Свое наследство, како што објави преку Својот слуга Мојсеј, кога ги изведе нашите татковци од Египет, о Господи, Боже!”

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 8