Стар Завет

Нов Завет

2 Летописи 35:7-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. Јосиј му подари на обичниот народ од ситниот добиток јагниња и јариња, сè за Пасхата, на сите кои се најдоа таму, на број триесет илјади и три илјади говеда, сè тоа од царевиот имот.

8. Неговите кнезови доброволно им подарија на народот, на свештениците и на левитите, и тоа: Хелкиј, Захариј и Ехиил, началници во Божјиот Дом, им дадоа на свештениците за Пасха две илјади и шест стотини јагниња и јариња и триста говеда.

9. А Хонаниј, Семај и Натанаил, неговите браќа Асавиј, Јеил и Јозавад, левитски кнезови, им подарија на левитите за Пасхата пет илјади грла ситен добиток и пет стотини говеда.

10. А кога службата беше уредена, свештениците застанаа на своето место и левитите во своите редови според царевата заповед.

11. Ја колеа Пасхата, а свештениците прскаа со крв, додека левитите ја дереа кожата.

12. Тогаш ги подготвија палениците за да му ги дадат на обичниот народ, според редовите на татковските домови, за да ги принесе на Господа, како е напишано во Мојсеевиот книжен свиток. Така направија и со говедата.

13. Ја печеа Пасхата на оган според обичајот, а другите посветени работи ги вареа во грнци, во котли и во садови за печење, и му ги разнесуваа брзо на сиот обичен народ.

14. После ја подготвуваа Пасхата за себе и за свештениците, зашто свештениците, Ароновите синови, беа вработени со принесувањето на палениците и лојта до ноќта; затоа левитите подготвуваа за себе и за свештениците, Ароновите синови.

15. А пејачите, Асафовите синови, стоеја на своето место, како што беше заповедале Давид, Асаф, Еман и царевиот гледач Едутун. Вратарите стоеја при секоја врата; тие не се помрднуваа од службата, туку нивните браќа левитите им подготвуваа сè.

16. Така беше уредена сета Господова служба во оној ден, за да се прослави Пасхата и за да се принесат палениците врз Господовиот жртвеник, според заповедта на царот Јосиј.

17. Така Израелевите синови, кои се најдоа таму, во тоа време, ги празнуваа седум денови Пасхата и Празникот на пресните лебови.

18. Пасха како оваа не се славеше во Израел од времето на пророкот Самоил, ниту еден од израелевите цареви не ја прославуваше Пасхата како што ја славеше Јосиј, со свештениците, со левитите и со сите Јудејци и Израелци, колку што се најдоа, и со Ерусалимците.

19. Таа Пасха беше празнувана во осумнаесеттата година на Јосиевото царување.

20. По сè тоа, кога Јосиј го уреди Домот, дојде египетскиот цар Нехао за да се бие кај Харкемис на Еуфрат, а Јосиј излезе пред него.

21. Царот Нехао му испрати посланици на Јосиј и му нарача: „Што имам јас со тебе јудејски цару? Јас не идам денес против тебе, туку против домот со кој сум во војна, и Бог ми заповеда да побрзам. Не Му се противи на Бога Кој е со мене, за да не те погуби!”

22. Но Јосиј не го одврати лицето од него, туку се охрабри за да се бие со него; не послушувајќи ги Нехаовите зборови од Божјата уста, дојде да се бие на Мегидонското Поле.

23. Стрелците го застрелаа царот Јосиј, а тој им рече на слугите: „Изведете ме, зашто сум тешко ранет.”

Прочитајте целосна глава 2 Летописи 35