Стар Завет

Нов Завет

2 Самоилова 14:16-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

16. Зашто царот ќе ја послуша својата слугинка и ќе ја избави од рацете на човекот, кој сака да ме истреби заедно со мојот син од Божјото наследство.’

17. Затоа твојата слугинка помисли: ‘Зборот на мојот господар и цар нека ми биде на смирување. Зашто мојот господар и цар е како Божји ангел кој распознава добро и зло. Господ, твојот Бог, нека биде со тебе!’”

18. Тогаш царот проговори и и рече на жената: „Немој сега да ми го скриеш она што ќе те прашам!” А жената одговори: „Нека зборува мојот господар цар!”

19. Тогаш царот праша: „Не се ли со тебе Јоавовите прсти во сè тоа?” А жената одговори: „Така да си жив, господару цару, навистина не се може ни десно ни лево од сè што рече мојот господар и цар! Да, твојот слуга Јоав ми заповеда, тој ја научи твојата слугинка на сите овие зборови.

20. Твојот слуга Јоав го направи тоа за да му даде друго лице на сето тоа, ама мојот господар е мудар како Божји ангел, тој знае сè што се случува на земјата.”

21. Тогаш царот се сврте кон Јоава и му рече: „Добро, ќе го направам тоа. Оди и доведи го назад младиот човек Авесалом!”

22. А Јоав падна со лицето кон земјата, се поклони и го благослови на царот; потоа Јоав рече: „Денес гледа твојот слуга дека најде милост во твоите очи, господару цару, кога царот ја исполни молбата на својот слуга.”

23. Потоа Јоав се крена, отиде во Гесур и го доведе Авесалома назад во Ерусалим.

24. Ама царот рече: „Нека си оди во својата куќа, и лицето мое да не го погледне!” И Авесалом се повлече во својата куќа и не го виде царското лице.

25. Во сиот Израел немаше човек толку убав како Авесалома, кому би можеле да се искажат толку пофалби: од одот на ногата негова до врвот на главата негова, во него немаше недостаток.

26. А кога ја стрижеше косата - а ја стрижеше на крајот на секоја година, зашто му беше претешка па требаше да ја стриже - ја мереше својата коса: беше тешка две стотини шекели, според царската мерка.

27. На Авесалом му се родија три сина и една ќерка по име Тамара; беше мошне убава жена.

28. Авесалом помина две години во Ерусалим, и не го виде царското лице.

29. Тогаш Авесалом го повика Јоава кај себе за да го испрати кај царот, ама тој не сакаше да дојде кај него; и испрати повторно по него, ама тој пак не сакаше да дојде.

30. Тогаш Авесалом им нареди на слугите: „Гледајте, Јоавовото поле, е покрај моето, и таму има јачмен: отидете и запалете го!” И Авесаломовите слуги ја запалија онаа нива.

31. Тогаш Јоав се крена, дојде кај Авесалом во куќата и го праша: „Зошто твоите слуги ја запалија мојата нива?”

32. А Авесалом му одговори на Јоав: „Еве јас испратив кај тебе и ти порачав: ‘Дојди ваму, за да те испратам кај царот да кажеш: „Зошто се вратив од Гесур? Подобро ќе беше за мене да сум уште таму.”‘ Затоа сега дај да го видам лицето на царот, да излезам пред очите на царот, па ако има некаква вина врз мене, нека ме погуби!”

33. Јоав отиде кај царот и му го кажа тоа. Потоа царот го повика Авесалом. Тој дојде пред царот, му се поклони и падна ничкум пред царот. И царот го пољуби Авесалом.

Прочитајте целосна глава 2 Самоилова 14