1. По тие настани Бог го стави на проверка Авраама. Го повика: „Аврааме!” Тој одговори: „Еве ме!”
2. Бог продолжи: „Земи го својот син, својот единец Исак, кого го љубиш, и отиди во месноста Морија и принеси го таму како жртва паленица, на ридот што ќе ти го покажам.”
3. Утрото Авраам стана рано, му стави самар на ослето и ги поведе со себе, двајцата свои слуги и сина си Исака, откако пред тоа нацепи дрва за жртва паленица, и се запати кон местото што Бог му го означи.
4. На третиот ден Авраам ги подигна очите и го виде местото оддалеку.
5. Тогаш Авраам им рече на слугите: „Вие останете тука покрај ослето, а јас и детето ќе одиме горе да се поклониме, па ќе се вратиме при вас.”
6. Авраам ги зеде дрвата за жртвата паленица, ги натовари на сина си Исака, а во својата рака зеде оган за потпалување и нож. Така тргнаа двајцата заедно.
7. Тогаш Исак му рече на татка си Авраама: „Татко!” „Еве ме, сине!” се јави тој. „Еве огнот и дрвата - пак рече синот - но каде е јагнето за жртвата паленица?”
8. „Бог Самиот ќе си предвиди за јагнето за жртвата паленица, сине мој!” одговори Авраам. И го продолжија патот.
9. Стигнаа до местото за кое зборуваше Бог. Тогаш Авраам подигна жртвеник, ги нареди дрвата, го врза својот син Исака и го положи над цепениците на жртвеникот.
10. Сега Авраам ја испружи раката и го зеде ножот, за да го заколе сина си.
11. Но Господов ангел од небото го повика и рече: „Аврааме! Аврааме!” „Еве ме!” одговори тој.
12. „Не ја спуштај раката врз детето - рече - ниту му прави нешто! Еве, сега знам дека се боиш од Бога, зашто не го задржа од Мене ни својот син, својот единец.”
13. Ги подигна Авраам очите и виде, и ете, зад него овен сплеткан со роговите во грмушка. Авраам отиде, го зеде овенот и го принесе во жртва сèпаленица место сина си.