Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 24:13-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Еве ме крај кладенец, а ќерките на оние од градот доаѓаат да нацрпат вода;

14. и нека девицата на која и речам: ‘Те молам, спушти ја твојата врчва да се напијам,’ а таа ми одговори: ‘Пиј! Ќе ти ги напојам и камилите,’ - биде онаа, што си ја одредил за својот слуга Исак. Така ќе разберам дека си покажал милост кон мојот господар.”

15. Штом го дорече тоа, ете! дојде Ревека, ќерка Ватуилова. Тој Ватуил и беше син на Мелха, Авраамова снаа од братот Нахор. Дојде со врчва на рамо.

16. Девојката беше прекрасна, девица која маж не ја допрел. Таа слезе при кладенецот, ја наполни врчвата, и ете ја пак горе.

17. Слугата и се затрча во пресрет и и рече: „Дај ми малку вода од твојата врчва!”

18. „Пиј, господине!” - одговори таа. Брзо ја спушти врчвата на рака и му даде да пие.

19. Откако го напи него, рече: „Ќе им налеам и на твоите камили, за да се напијат.”

20. Откако ја излеа бргу врчвата во поилото, отрча назад до кладенецот за да црпи повторно, и така им налеа на сите негови камили.

21. Човекот ја набљудуваше со молчење, не би ли сознал дали Господ го приведе успешно кон крај неговиот пат или не.

22. Кога камилите прекратија да пијат, човекот извади златна обетка, тешка половина сикал, и и ја стави на нејзините носалки, а на рацете и стави златни гривни, тешки десет сикли.

23. Потоа рече: „Чија ќерка си? Дали има во куќата на татка ти место за нас, да преноќеваме?”

24. Таа му одговори: „Јас сум ќерка на Ватуил, кого Мелха му го роди на Нахора.”

25. Уште рече: „Има кај нас слама и храна во изобилство, а и место за ноќевање.”

26. Човекот тогаш се поклони длабоко, па му искажа почит на Господа,

27. и проговори: „Благословен да биде Господ, Бог на мојот господар Авраам, што не го лиши мојот господар од Својата љубов и од Својата верност. Господ ме водеше мене по прав пат, во куќата на братот на мојот господар.”

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 24