Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 24:3-16 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

3. да те заколнам во Господа, во Бога на небото и Бога на земјата, дека нема да земеш за мојот син за жена ниедна од ќерките на Хананците, меѓу кои живеам,

4. туку ќе отидеш во мојот роден крај и ќе му земеш жена на мојот син Исак.

5. А слугата му рече: „А што, ако жената не сака да дојде со мене во оваа земја? Треба ли тогаш да го одведам твојот син во земјата откаде си дошол?”

6. Авраам му одговори: „Внимавај добро да не го вратиш таму мојот син!

7. Господ, Бог на небесата, Кој ме изведе од куќата на мојот татко и од мојот роден крај и Кој ми вети под заклетва: ‘На твоето потомство ќе му ја дадам оваа земја,’ ќе го испрати Својот ангел пред тебе, и оттаму ќе му доведеш жена на мојот син.

8. А ако жената не сака да тргне со тебе, ти ќе бидеш слободен од мојава заклетва; но мојот син не води го таму!”

9. Така слугата ја стави својата рака под бедрото на својот господар Авраам и му се заколна.

10. Слугата подготви десет господареви камили, зеде со себе секакви блага, и се запати за Месопотамија, во Нахоровиот град.

11. Ги остави камилите да клекнат надвор од градот, покрај кладенец. Беше вечер, кога жени излегуваат да налеат вода.

12. Тогаш рече: „О, Господи, Боже на мојот господар Авраам, Те молам, излези ми денес во пресрет и искажи му милост на мојот господар Авраам!

13. Еве ме крај кладенец, а ќерките на оние од градот доаѓаат да нацрпат вода;

14. и нека девицата на која и речам: ‘Те молам, спушти ја твојата врчва да се напијам,’ а таа ми одговори: ‘Пиј! Ќе ти ги напојам и камилите,’ - биде онаа, што си ја одредил за својот слуга Исак. Така ќе разберам дека си покажал милост кон мојот господар.”

15. Штом го дорече тоа, ете! дојде Ревека, ќерка Ватуилова. Тој Ватуил и беше син на Мелха, Авраамова снаа од братот Нахор. Дојде со врчва на рамо.

16. Девојката беше прекрасна, девица која маж не ја допрел. Таа слезе при кладенецот, ја наполни врчвата, и ете ја пак горе.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 24