Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 28:10-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

10. Јаков ја напушти Вирсавеа и се запати кон Харан.

11. Стигна во некое место и преноќева таму, зашто сонцето веќе беше зајдено. Зеде еден камен од местото, го стави под главата и легна на тоа место.

12. И виде сон: скала стои на земјата, а со врвот допира до небото, и Божји ангели се искачуваа и слегуваа по неа.

13. Покрај нив е Господ и му зборува: „Јас Сум Господ, Бог на твојот прататко Авраам и Бог Исаков. Земјата на која лежиш ќе ти ја дадам тебе и на твоето потомство.

14. Твои потомци ќе има како и прав на земјата; ќе се раширите на запад, исток, север и југ; преку тебе и преку твоето потомство ќе бидат благословувани сите народи на земјата.

15. И ете, Јас Сум со тебе; ќе те чувам каде и да тргнеш, па ќе те доведам назад во оваа земја; и нема да те оставам додека не го извршам она што ти го ветив.”

16. Јаков се разбуди од сонот и рече: „Навистина Господ се наоѓа на ова место, но јас не знаев!”

17. Се уплаши и рече: „Колку е страшно ова место! Не е друго освен дом Божји, ова е врата небеска!”

18. Рано наутро, Јаков го зеде каменот, што го беше ставил под главата, го исправи како столб и излеа масло врз неговиот врв.

19. Тоа место го нарече Ветил, додека името на градот, пред тоа, беше Луз.

20. Тогаш направи завет: „Ако Бог остане со мене и ме запази на патов, по кој одам; и ми даде леб да јадам и облека да се облекувам,

21. така што да се вратам здрав во татковиот дом, Господ ќе биде мој Бог.

22. А каменов што го исправив како столб, ќе биде Божји Дом. А од сè што ќе ми даваш, за Тебе ќе одвојувам десеток.”

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 28