Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 35:6-16 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. Јаков стигна во Луз, односно Ветил, во Ханаанската Земја, и сите луѓе што беа со него.

7. Таму изгради жртвеник - и местото го нарече Ел-Ветил, зашто Бог му се јави таму, кога тој бегаше пред својот брат Исав.

8. Тогаш умре Ревекината доилка Девора, па ја погребаа под Ветил, под дабот, што оттогаш се вика „Тажен Даб.”

9. Бог му се јави пак на Јакова, кога стигна од Падан Арам, и го благослови.

10. Бог му рече: „Името ти е Јаков, но отсега нема да се викаш Јаков, туку твоето име ќе биде Израел.” Така го нарече Израел.

11. Тогаш Бог му рече: „Јас Сум Ел Шадај - Сèмоќен Бог! Биди плоден и размножувај се! Од тебе ќе произлезе народ, множество народи, и цареви ќе излезат од твоето крило.

12. Земјата што им ја дадов на Авраама и Исака, Јас ти ја предавам тебе; и на твоето потомство, по тебе, ќе му ја дадам оваа земја.”

13. Тогаш Бог се вознесе од него, каде што му зборуваше.

14. На местото каде што Бог разговараше со него, Јаков исправи столб, столб од камен; принесе жртва врз него и го полеа со масло.

15. А местото каде што му зборуваше Бог, Јаков го нарече Ветил.

16. Потоа тргнаа од Ветил. Имаше уште малку пат до Еуфрат, а Рахила се најде на породување. Ја нападнаа тешки болки.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 35