Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 41:12-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. Тогаш со нас беше некој млад Евреин, слуга на заповедникот на стражата. Му ги раскажавме нему своите соништа, а тој ни ги протолкува: на секој му го кажа значењето на неговиот сон.

13. Како што ни ги протолкува, така и ни се случи: мене ме вратија на моето место, а оној го обесија.”

14. Фараонот веднаш испрати по Јосифа; го извлекоа набрзина од темницата; му ја истригаа косата, го облекоа во ново облекло, и тој стапи пред фараонот.

15. Тогаш фараонот му рече на Јосифа: „Сонував сон, но никој не може да го протолкува, чув за тебе дека можеш да го протолкуваш сонот, штом ќе го чуеш.”

16. „Јас не можам ништо - му одговори Јосиф на фараонот - туку Бог ќе му даде вистински одговор на фараонот.”

17. Тогаш фараонот му раскажа на Јосифа: „Во својот сон стоев на брегот на Нил.

18. И ете! Седум дебели и убави крави излегоа од Нил, пасеа низ трските.

19. По нив излегоа седум други крави, беа слаби, многу грозни, костенливи, никогаш не видов толку грди крави во целата Египетска Земја!

20. И седумте слаби и грозни крави ги изедоа првите седум дебели крави.

21. Па иако ги проголтаа, не се гледаше дека имаат нешто во утробата: беа грозни како и порано. Тогаш се разбудив.

22. Потоа видов на сон како на едно стебленце израснаа седум полни и убави класови.

23. Но после нив израснаа седум згрчени, празни, класови, опалени од источен ветер.

24. И слабите класови ги изедоа седумте полни класови. Ова им го раскажав и на вражалците, но нема никој да ми објасни.”

25. Тогаш Јосиф му рече на фараонот: „Фараоновиот сон е само еден: Бог му јавува на фараонот што сака да направи.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 41