Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 41:23-37 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

23. Но после нив израснаа седум згрчени, празни, класови, опалени од источен ветер.

24. И слабите класови ги изедоа седумте полни класови. Ова им го раскажав и на вражалците, но нема никој да ми објасни.”

25. Тогаш Јосиф му рече на фараонот: „Фараоновиот сон е само еден: Бог му јавува на фараонот што сака да направи.

26. Седумте убави крави, тоа се седум години; седумте убави класови пак се седум години. Тоа е само еден сон.

27. Седумте слаби и грозни крави по нив, а исто така и седумте празни, од источник опалени, класови, означуваат седум гладни години.

28. Тоа е она што веќе му го реков на фараонот: Бог му јавува на фараонот што сака да направи.

29. Ете, настапуваат седум години на големо изобилство во сета Египетска Земја.

30. А по нив ќе дојдат седум гладни години, кога ќе се заборави сето изобилство во Египетската Земја.

31. Кога гладот ќе пустее низ земјата, не ќе се знае ни дека имало изобилство во земјата - заради гладот што ќе дојде - зашто ќе биде многу голем.

32. А тоа што фараоновиот сон се повтори, значи дека Бог навистина се одлучи за тоа и дека наскоро ќе го спроведе.

33. Затоа фараонот нека избере способен и мудар човек и нека го постави над Египетската Земја.

34. Натаму, фараонот нека се погрижи да постави надгледувачи во земјата, што ќе собираат една петинка од сета жетва во Египетската Земја во седумте години на изобилството.

35. Нека собираат од секого жито, во седумте добри години, што доаѓаат; нека, со фараоново овластување, собираат жито за храна и нека го чуваат во градовите.

36. Собраниот вишок нека служи за исхрана во земјата во седумте години на глад, што ќе ја снајде Египетската Земја, така што земјата да не пропадне од гладот.”

37. Им се допадна одговорот на фараонот и на сите негови службеници.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 41