Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 42:21-34 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

21. И еден на друг си велеа: „Тешко ни нам! Нè стигна казна заради нашиот брат; ја гледавме неговата мака додека нè молеше за милост, ама не го послушавме. Затоа нè снајде оваа неволја.”

22. Рувим им одговори: „Зар не ви зборував: ‘Не грешете против детето!’ Но вие не слушавте. Сега се бара сметка за неговата крв.”

23. Не знаеја дека Јосиф ги разбира, зашто зборуваа со него преку преведувач.

24. Тој се оддалечи од нив и заплака. Пак се врати и разговараше со нив. И го одвои Симеона од нив и нареди да биде врзан пред нивни очи.

25. А Јосиф заповеда да им ги наполнат вреќите со жито; секому да му ги стават сребрениците во вреќата и да им дадат храна за по пат. Така им сторија.

26. Тие го натоварија житото на своите ослиња и тргнаа оттаму.

27. Кога еден од нив ја отвори, во преноќиштето, својата вреќа, за да го нахрани ослето, ги виде своите сребреници одозгора во вреќата.

28. „Моето сребро ми е вратено! - им извика на браќата. - Еве го во мојата вреќа!” Срцето затрепери во нив. Се загледаа уплашени и рекоа: „Што ни го стори ова Бог?”

29. Откако дојдоа при својот татко Јаков, во Ханаанската Земја, му кажаа што им се случи.

30. „Човекот, кој е господар на онаа земја - рекоа - ни зборуваше остро и нè обвини како согледувачи.

31. ‘Чесни луѓе сме - му рековме - и никогаш не сме биле извидници.

32. Бевме дванаесет браќа, синови на ист татко, но едниот веќе го нема, додека најмладиот се наоѓа сега со нашиот татко во Ханаанската Земја.’

33. Но човекот, кој управува над таа земја, ни рече: ‘Вака ќе научам дали сте чесни луѓе: оставете еден брат кај мене, а вие другите земете жито заради гладот на вашите семејства, па одете си.

34. И доведете ми го вашиот најмлад брат, така да знам дека не сте согледувачи, туку чесни луѓе. Па ќе ви го вратам вашиот брат, а вие ќе можете слободно да се движите низ земјава.’”

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 42