Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 48:1-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. По некое време му јавија на Јосифа: „Ене, татко ти се разболе.” Тогаш тој ги зеде со себе своите два сина Манасиј и Ефрем.

2. Кога му рекоа на Јакова: „Еве ти дојде синот Јосиф”, Израел ја собра својата сила и седна на постелата.

3. Јаков му рече на Јосифа: „Ел Шадај (Сèмоќниот Бог) ми се јави во Луз, во Ханаанската Земја; и ме благослови,

4. а потоа ми рече: ‘Ќе те направам плоден и многуброен, и ќе произведам од тебе мноштво народи, и на твоето потомство, по тебе, ќе му ја дадам оваа земја во вечна сопственост.’

5. Сега, двата твои сина, кои ти се родија во Египетската Земја, пред да дојдам јас при тебе во Египет, нека бидат мои - Ефрем и Манасиј нека бидат мои, како и Рувим и Симеон!

6. А децата кои ти се родија по нив нека останат твои; а во нивното наследство нека се викаат со името на своите браќа.

7. Имено, кога се враќав од Падан (Месопотамија), за моја жалост, почина мајка ти Рахила при патувањето во Ханаанската Земја, на сосем мала оддалеченост од Ефрат. Јас ја погребав таму покрај патот за Ефрат, денешниот Витлеем.

8. Забележувајќи ги Израел Јосифовите синови, праша: „Кои се овие?”

9. Јосиф му одговори на татка си: „Тоа се моите синови, кои ми ги даде Бог тука.” „Доведи ми ги да ги благословам”, рече.

10. Израелевите очи беа ослабени, од старост, не гледаше. Затоа му ги приведе синовите, а тој ги пољуби и ги прегрна.

11. И Израел му рече на Јосифа: „Не се надевав да го видам твоето лице; но, ете, Бог ми даде да ги видам и твоите деца.”

12. Тогаш Јосиф ги слезе од неговите колена и му се поклони со лицето до земја.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 48