Стар Завет

Нов Завет

Броеви (4 Moj.) 20:1-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Потоа Израелевите синови стигнаа, сета заедница, во пустината Цин, во првиот месец. Народот се настани во Кадис. Маријам почина таму и ја погребаа таму.

2. Немаше вода за заедницата. Затоа се здружија против Мојсеја и против Арона.

3. Народот почна да се препира со Мојсеја и да вели: „О, да бевме изумреле кога и нашите браќа загинаа пред Господа!

4. Зошто го доведовте Господовото општество во пустинава, за да изумреме тука и ние и нашиот добиток?

5. Зошто нè изведовте од Египет, за да нè доведете во незгодново место; место во кое нема ни жито, ни смокви, ни грозје, ни калинки? Нема ни вода за да пиеме.”

6. Мојсеј и Арон отидоа од народот кон влезот во Шаторот на средбата и паднаа на своите лица. Господовата слава им се јави тогаш.

7. И Господ му рече на Мојсеја:

8. „Земи го жезалот, па - ти и твојот брат Арон - соберете го општеството. Тогаш, пред нивни очи, речете и на карпата, и таа ќе даде вода од себе. И така ќе им извадиш вода од карпата и ќе ги напоиш: општеството и неговиот добиток.”

9. Мојсеј го зеде жезалот од пред Господа, како што му нареди.

10. Потоа Мојсеј и Арон го собраа народот пред карпата, па Мојсеј им рече: „Чујте, бунтовници! Дали ќе ви извадиме вода од карпава?”

11. И Мојсеј ја подигна раката и удри со жезалот двапати по карпата: потече многу вода, па заедницата и нејзиниот добиток пиеја.

12. А Господ им рече на Мојсеја и на Арона: „Бидејќи немавте вера во Мене, за да ја јавите Мојата светост пред очите на Израелевите синови, вие нема да го воведете народов во земјата, што му ја давам.”

Прочитајте целосна глава Броеви (4 Moj.) 20