Стар Завет

Нов Завет

Броеви (4 Moj.) 21:1-16 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Царот на Арад, Хананец, кој живееше во Негев, чу дека Израел доаѓа по Атаримскиот Пат, па се нафрли врз Израел и зароби неколку од нив.

2. Тогаш Израел вака Му се заветува на Господа: „Ако го предадеш во мои раце овој народ, наполно ќе ги разурнам неговите градови.”

3. Господ го послуша гласот на Израел и му ги предаде Ханаанците. А Израел ги уништи нив и нивните градови со „истребување”. Затоа она место беше наречено Орма (Проклетство).

4. Од гората Ор се запатија кон Црвеното Море за да ја заобиколат Едомската Земја. Патем народот стана нетрпелив.

5. И почна да зборува и против Бога и против Мојсеја: „Зошто нè изведовте од Египет, за да изумреме во оваа пустина? Нема леб, нема вода, а тоа бедно јадење веќе им се згади на нашите души.”

6. Тогаш Господ испрати лути змии против народот; тие ги каснуваа, така што изумре многу народ во Израел.

7. Народот дојде при Мојсеја и рече: „Згрешивме кога зборувавме против Господа и против тебе. Помоли Му се на Господа да ги отстрани змиите од нас!” Мојсеј се помоли за народот,

8. и Господ му рече на Мојсеја: „Направи отровница и стави ја на столб: секој кој ќе биде каснат, ќе остане жив ако ја погледне.”

9. Мојсеј направи змија од бронза и ја стави на столб. Кога лутицата ќе каснеше некого, ќе погледнеше во бронзената змија и оздравуваше.

10. Израелевите синови тргнаа и се настанија во Овот.

11. Потоа отпатуваа од Овот и ги оптегнаа шаторите крај Ије-Аварим, во пустината што е спроти Моав, од страна на изгрејсонцето.

12. Оттаму отпатуваа и заседнаа во долината Заред.

13. Оттаму тргнаа и се настанија од онаа страна на Арнон, што е во пустината, а извира во подрачјето на Аморејците. Затоа Арнон е моавска граница, меѓу Моавците и Аморејците.

14. Затоа се вели во „Книгата на Господовите војни:”

15. „Вајеф во Суфа и арнонските потоци и падината на долината што се наведнува кон местото Ар и се допира до моавската граница. . .”

16. Оттука отидоа во Вир (Кладенец). Тоа е кладенецот за кого Господ му рече на Мојсеја: „Собери го народот за да им дадам вода!”

Прочитајте целосна глава Броеви (4 Moj.) 21