Стар Завет

Нов Завет

Даниел 1:9-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Господ му даде на Даниела та најде благонаклоност и милост кај старешината на придворниците.

10. Началникот му рече на Даниела: „Се плашам од својот господар царот; тој ви одреди јадење и пиење, па ако види дека вашите лица се помршави отколку во другите момчиња од ваша возраст, јас ќе бидам виновен заради вас пред царот.”

11. Тогаш Даниел му рече на чуварот, кого старешината на придворниците им го беше одредил на Даниела, Ананија, Мисаила и Азарија:

12. „Те молам, обиди се со своите слуги десет дни: нека ни даваат зеленчук за јадење и вода за пиење.

13. Тогаш ќе видиш какви ќе бидеме ние а какви момчињата кои јадат од царските јадења, па направи со своите слуги според она што ќе видиш.”

14. Тој се согласи и ги остави на испитување десет дни.

15. А по десет дена тие беа поубави и позгоени отколку момчињата кои јадеа од царските јадења.

16. Оттогаш чуварот ги прекрати нивните јадења и дажбата вино што требаа да го пијат, та им даваше зеленчук.

17. На овие четири момчиња Бог им даде знаење и разбирање на сите книги и мудрости. Даниел ги разбираше виденијата и соништата.

18. Откако се исполни времето одредено од царот за да му ги доведат, старешината на придворниците ги воведе пред Навуходоносора.

19. Царот разговараше со нив, и меѓу сите не се најде ниеден како Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј. И така тие останаа пред царот.

20. И во сè мудро и умно за што ги испитуваше царот, се најде дека се десетпати повешти од сите волшебници и гатачи што ги имаше во сето негово царство.

21. Даниел остана таму до првата година на владеењето на цар Кир.

Прочитајте целосна глава Даниел 1