Стар Завет

Нов Завет

Даниел 5:1-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Царот Валтазар им приреди голема гозба на илјада свои големци.

2. Испијанет со вино, Валтазар нареди да се донесат златните и сребрените посатки, што неговиот татко Навуходоносор ги беше ограбил од ерусалимското Светилиште, па од нив да пијат царот, неговите големци, неговите жени и соложници.

3. И така ги донесоа златните и сребрените посатки грабнати од Божјиот Храм во Ерусалим, и почнаа да пијат од нив царот и неговите големци, неговите жени и соложници.

4. Пиеја вино и ги славеа своите богови од злато и сребро, од бронза и железо, од дрво и камен.

5. Одненадеж се појавија прсти на човечка рака кои почнаа да пишуваат, спроти големиот светилник, по варосаниот ѕид на царскиот дворец, и царот ја виде дланката на раката што пишуваше.

6. Царот пребледе, мислите го смутија, зглобовите на неговите колкови попуштија, и колената почнаа да му удираат едно со друго.

7. Гласно ги повика волшебниците, ѕвездарите и гаталците. И царот им рече на вавилонските мудреци: „Кој ќе го прочита ова писмо и му ја открие неговата смисла, ќе биде облечен во црвено сукно, ќе носи златна веришка околу вратот, и ќе биде трет во царството.”

8. Сите цареви мудреци пристапија, но не можеа да го прочитаат писмото, ниту да му го откријат значењето.

9. Царот Валтазар се исплаши многу заради тоа, пребледе, а неговите големци останаа збунети.

10. Царицата откако ги чу зборовите на царот и на големците, влезе во гозбената дворница и рече: „Цару, жив да бидеш довека! Твоите мисли нека не се возбудуваат и твоето лице нека не бледнее!

11. Во твоето царство има човек во кого е Духот на Светиот Бог. Уште во времето на твојот татко се најде во него светлина, разум и мудрост слична на мудроста на боговите. И затоа царот Навуходоносор, твојот татко, го назначи за старешина на волшебниците, гаталците, ѕвездарите и мудреците.

Прочитајте целосна глава Даниел 5