Стар Завет

Нов Завет

Даниел 6:1-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Му се свиде на Дариј да постави над своето царство сто и дваесет сатрапи, за да бидат над сето царство.

2. На нивно чело им стави три прочелници - Даниел беше еден од нив - на кои сатрапите ќе им полагаат сметки, за да не му се досадува на царот.

3. Даниел се истакнуваше толку со својот вонреден дух над прочелниците и над сатрапите та царот мислеше да го постави над целото царство.

4. Тогаш прочелниците и сатрапите почнаа да бараат повод, нешто околу државната управа, заради што би можеле да го обвинат Даниела: ама не можеа да најдат ништо такво на него; ништо заради што би можеле да го прекорат, зашто беше верен, немаше во него ни негрижа ни погрешка.

5. Тогаш тие луѓе рекоа: „Не ќе најдеме никаков повод против Даниел, освен да најдеме нешто против него во законот на неговиот Бог.”

6. Тогаш прочелниците и сатрапите навалија на царот та му рекоа: „О цару Дариј, жив да бидеш довека!

7. Сите прочелници на царството претстојниците и сатрапите, советниците и наместниците се сложија во тоа дека царот треба да издаде наредба и забрана: секој оној кој во рок од триесет денови ќе упати молба било до кој бог или човек, освен до тебе, о цару, ќе биде фрлен во лавовска јама.

8. О цару, потврди ја таа забрана и потпиши ја наредбата за да биде неотповиклива според непроменливиот мидиско-персиски закон!”

9. Тогаш царот Дариј ги потпиша писмото и забраната.

10. Откако научи Даниел дека повелбата е потпишана, отиде во својата куќа. Прозорците на горната соба беа отворени кон Ерусалим. Таму тој три пати дневно паѓаше на колена, благословувајќи Го, молејќи Го и фалејќи Го Бога, како што правеше секогаш.

11. Оние луѓе навлегоа и го најдоа Даниела како Го моли и Го повикува својот Бог.

12. Тогаш отидоа пред царот и се повикаа на царската забрана: „Зар ти не ја потпиша забраната според која секој оној кој, во време на триесет денови, ќе упати молба до некој бог или човек, освен до тебе, о цару, ќе биде фрлен во лавовска јама?” Царот одговори: „Така е одлучено според непроменливиот мидиско-персиски закон.”

13. Тогаш му рекоа на царот: „Даниел, оној од јудејските заточеници, не се грижи за тебе, о цару, ниту за твојата забрана што ја потпиша: ја обавува својата молитва три пати дневно.”

14. Откако ги чу тие зборови царот се нажали многу и одлучи да го спаси Даниела.

15. Ама оние луѓе навалија врз царот, велејќи: „Знај, о цару, дека според мидиско-персиски закон ниедна царева забрана или одлука не може да биде отповикана.”

16. Тогаш царот нареди да го донесат Даниела и да го фрлат во лавовската јама. Царот му рече на Даниела: „Твојот Бог, Кому што Му служиш така постојано, нека те избави.”

17. Донесоа камен и го ставија врз отворот на јамата. Царот го запечати со својот прстен и со прстењата на своите големци, за да не се менува ништо за Даниела.

18. Царот се врати во својот дворец и ја помина ноќта без да вкуси јадење и не дозволувајќи да му ги доведат соложниците. Не можеше да заспие.

19. Царот стана рано во зората, кога се разденуваше, и отиде бргу кај лавовската јама.

20. Кога се доближи, му викна со жалостен глас на Даниела: „Даниеле, слуго на живиот Бог, дали Бог, Кому Му служиш постојано, можеше да те избави од лавовите?”

Прочитајте целосна глава Даниел 6