2. „Отиди и викај му на Ерусалим: ‘Господ зборува вака: „Си спомнувам за твојата младост приврзена, за твојата вереничка љубов: ти дојде со Мене во пустината, по земја каде што не се сее.
3. Израел му беше светина на Господа, првина на Неговите плодови; секој што јадеше од нив, беше казнет; зло го најде,” говори Господ.’”
4. Чујте го Господовото слово, Јаковов дому, и сите родови на Израелевиот дом.
5. Господ зборува вака: „Каква неправда најдоа вашите очи на Мене, та се оддалечија од Мене? Тргнавте по суетата, та самите станавте суетни.
6. Не прашуваа: ‘Каде е Господ, Кој нè изведе од Египетската Земја та нè водеше низ пустината, по пуста земја, едвај проодна, по сува и мрачна земја, по земја низ која никој не поминува, ниту пак некој се населува?’
7. Во земја на лозја и маслинови градини Јас ве доведов, за да се храните со плодот и со нејзината добрина. Но тукушто влеговте, ја осквернивте Мојата земја, и Моето наследство го претворивте во гнасост.
8. Свештениците не зборуваа: ‘Каде е Господ?’ Толкувачите на Законот Мене не Ме запознаа, пастирите отпаднаа од Мене, а пророците пророкуваа во Ваалово име, и одеа по оние што не можеа да им помогнат.
9. Затоа уште ќе водам парница со вас - говори Господ, и ќе се парничам со синовите на вашите синови:
10. И така, тргнете на Китимските острови, за да видите, или испратете согледувачи во Кидар, та промислете и проверете добро дали се случило нешто слично некогаш.
11. Дали некој народ ги менуваше боговите - тие дури и не се богови! А Мојот народ ја замени својата Слава за оние што не помагаат!
12. Запрепастете се над тоа, небеса, смутете се и зачудете се, - говори Господ.