Стар Завет

Нов Завет

Еремија 23:13-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. И во пророците на Самарија видов многу лудости: пророкуваат во Ваалово име и го заведуваат Мојот израелски народ.

14. Но во ерусалимските пророци видов стравотии: прељуба, измамливи патишта, ги поткрепуваат рацете на злосторниците, та никој не се одвратува од своите злостори. Сите тие Ми се како Содом, а жителите како Гомор!

15. И затоа Господ над Војските зборува вака за пророците: ‘Еве, ќе ги нахранам со пелин и ќе ги напојам со затруена вода, зашто од ерусалимските пророци затече расипаноста во сета земја.’”

16. Вака зборува Господ над Воинствата: „Не слушајте ги зборовите на пророците: тие ве измамуваат, објавуваат виденија на своето срце, а не што доаѓа од Господовата уста;

17. им зборуваат на оние што го презираат Господовиот збор: ‘Ќе биде мир со вас!’ а на оние што го следат гласот на своето закоравено срце: ‘Никакво зло нема да ве најде!’”

18. Па кој беше на Господовото советување, кој виде, кој го слушаше Неговото слово, кој го сфатил та може да го објави?

19. Ете, Господова бура доаѓа со јарост, грозна бура, и паѓа врз безбожничките глави.

20. Господовиот гнев не ќе стивне, додека Тој не ги изврши и не ги исполни замислите на Своето срце. Во последните денови тоа ќе го разберете јасно.

21. „Не ги испратив тие пророци, а сепак трчаат! Не им зборував, а сепак пророкуваат!

22. Да, ако беа на Моето советување, би му ги објавиле Моите зборови на Мојот народ, и би се обиделе да ги одвратат од нивниот лош пат и од нивните зли дела.

23. Та, зар Сум Јас Бог само од близу - говори Господ - зар од далеку веќе не Сум Бог?

24. Може ли некој да се скрие во тајни места та Јас да не го видам? - говори Господ. Не ги исполнувам ли Јас небото и земјата? - говори Господ.

Прочитајте целосна глава Еремија 23