9. За пророците. Срцето во мене е скршено, ми треперат коските, сличен сум на пијаница, на човек кого виното го овладеа, пред лицето на Господа и пред Неговите свети зборови:
10. Зашто земјата е полна со прељубници; заради тие луѓе земјата се завитка во црно, а пасиштата изгореа. Нивната трка е злоба, а силата им е неправда.
11. „Да, и пророкот и свештеникот се лицемери: дури и во Својот Дом им најдов нечесност, говори Господ.
12. Затоа нивните патишта ќе им се претворат во лизгава почва: ќе се тетерават и ќе паѓаат во мракот. Зашто Јас ќе навалам врз нив несреќа во годината на нивната казна - говори Господ.
13. И во пророците на Самарија видов многу лудости: пророкуваат во Ваалово име и го заведуваат Мојот израелски народ.
14. Но во ерусалимските пророци видов стравотии: прељуба, измамливи патишта, ги поткрепуваат рацете на злосторниците, та никој не се одвратува од своите злостори. Сите тие Ми се како Содом, а жителите како Гомор!
15. И затоа Господ над Војските зборува вака за пророците: ‘Еве, ќе ги нахранам со пелин и ќе ги напојам со затруена вода, зашто од ерусалимските пророци затече расипаноста во сета земја.’”
16. Вака зборува Господ над Воинствата: „Не слушајте ги зборовите на пророците: тие ве измамуваат, објавуваат виденија на своето срце, а не што доаѓа од Господовата уста;
17. им зборуваат на оние што го презираат Господовиот збор: ‘Ќе биде мир со вас!’ а на оние што го следат гласот на своето закоравено срце: ‘Никакво зло нема да ве најде!’”
18. Па кој беше на Господовото советување, кој виде, кој го слушаше Неговото слово, кој го сфатил та може да го објави?