Стар Завет

Нов Завет

Еремија 25:3-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

3. „Од тринаесеттата година на Јосиј, синот Амонов, јудејскиот цар, сè до денешниот ден, на оваа дваесет и трета година, ми доаѓаше Господовото слово, и јас ви зборував еднакво, ама не ме слушавте.

4. И Господ исто еднакво ги праќаше кај вас Своите слуги, пророците, но вие не слушавте и не ги приклонивте своите уши за да чуете.

5. И ви зборуваа: ‘Вратете се секој од својот лош пат и од своите зли дела, и останете во земјата што Господ ви ја даде вам и на вашите татковци за сите времиња;

6. и не одете по туѓите богови, за да им служите и за да им се поклонувате; и не Ме разгневувајте со делата на своите раце, па нема ништо да ви сторам за жал.’

7. Ама не Ме послушавте - говори Господ - туку Ме разгневивте со делата на своите раце, за своја несреќа!

8. Затоа вака зборува Господ над Воинствата: ‘Затоа што не ги послушавте Моите зборови,

9. еве, Јас ќе ги испратам и ќе ги кренам сите народи од север - говори Господ - и Својот слуга Навуходоносор, вавилонскиот цар, и ќе ги доведам против оваа земја и против нејзините жители, и против сите околни народи; ќе ги истребам наполно и ќе ги направам за ужас и потсмев, вечна запустеност.

10. И ќе ги задушам меѓу нив: секој глас на радост и веселба, воскликнувањето на младоженецот и невестата, и тропотот на мелницата и светлината на светилката.

11. Сета земја ќе се претвори во запустеност и пустина, и сите народи ќе му служат на вавилонскиот цар седумдесет години.

12. Но кога ќе се наполнат седумдесетте години, ќе ги казнам вавилонскиот цар и оној народ - зборува Господ - за нивното беззаконие, и Халдејската Земја ќе ја претворам во вечни урнатини.

Прочитајте целосна глава Еремија 25