Стар Завет

Нов Завет

Еремија 26:7-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. И свештениците и пророците и сиот народ го слушаа Еремија како ги проповеда тие зборови во Господовиот Дом.

8. А кога Еремија го изрече сè она што Господ му заповеда да му навести на сиот народ, свештениците и пророците го грабнаа, зборувајќи: „Ке платиш со главата!

9. Зашто пророкуваше во Господово Име: ‘Ќе постапам со овој Дом како со Сило, и овој град ќе биде запустен, та веќе никој не ќе живее во него!’” И сиот народ се собра против Еремија во Господовиот Дом.

10. Откако го чуја тоа, јудејските старешини дојдоа од царскиот дворец во Господовиот Дом, и седнаа пред Новата Врата на Господовиот Дом.

11. Тогаш свештениците и пророците им рекоа на старешините и на сиот народ: „Овој човек заслужува смрт, зашто пророкуваше против овој град, како што чувте со своите уши.”

12. Тогаш Еремија им рече на старешините и на сиот народ: „Господ ме испрати да пророкувам против овој Дом и овој град сè она што чувте.

13. Поправете ги, и така, своите патишта и дела, и слушајте го гласот на Господа, својот Бог: и ќе се покае за злото со кое што ви се закани.

14. Еве, јас сум во вашите раце. Направете со мене што ви се чини добро и право.

15. Но знајте добро: ако ме погубите, невина крв ќе возложите на себеси, врз овој град и врз неговите жители. Зашто, навистина, Господ ме испрати кај вас за да ги зборувам овие зборови во вашите уши.”

16. Тогаш старешините и сиот народ им рекоа на свештениците и пророците: „Овој човек воопшто не заслужува смрт, зашто ни зборуваше во Името на Господа, нашиот Бог.”

17. Тогаш станаа и некои од најугледните во земјата та му рекоа на сето мноштво народ што се собрал таму:

18. „Моресецот Михеј пророкуваше во деновите на Езекиј, јудејскиот цар, и му зборуваше на сиот јудејски народ: ‘Господ над Војските зборува вака: „Сион ќе биде преорано поле, Ерусалим урнатина, а Гората на овој Дом ќе ја прекрие шума.”‘

19. Дали затоа Езекиј, јудејскиот цар, и сета Јудеја го погубија? Не се ли исплашија од Господа и не настојуваа ли да го умилостиват Господа? И Господ го отстрани злото со кое што им се закани! А ние, зар да навлечеме врз нашите души толку голем злостор?”

20. Имаше таму уште некој што пророкуваше во Господово Име, Уриј, синот Семаин, родум од Киријат Јарим. И тој пророкуваше против овој град и оваа земја како и Еремија.

21. А кога царот Јоаким со сите воини и заповедници ги чу тие зборови, бараше да го погуби. Штом го чу тоа, Уриј се исплаши и избега во Египет.

Прочитајте целосна глава Еремија 26