Стар Завет

Нов Завет

Еремија 29:15-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. Навистина, вие велите: „Господ ни подигна пророци во Вавилон.”

16. Вака му зборува Господ на царот кој седи на Давидовиот престол, и на сиот народ што живее во овој град - на вашите браќа што не дојдоа со вас на заточение.

17. Вака зборува Господ над Војските: ‘Еве испраќам врз нив меч, глад и помор; ќе направам да бидат како расипани смокви, толку лоши што да не се за јадење.

18. И ќе ги гонам со меч, глад и помор, и ќе ги направам за ужас на сите земни царства, проклетство, страв, потсмев и срам за сите народи каде што ќе ги изгонам.

19. Зашто не ги послушаа Моите зборови - зборува Господ - иако им ги праќав постојано Своите слуги пророците, но тие не ги послушаа - говори Господ.

20. Но вие, заточениците, што ги испратив од Ерусалим во Вавилон, послушајте го сите Господовото слово!’

21. Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог, за Ахав, синот Колаин, и за Седекија, синот Масиин, кои ви пророкуваат лага во Мое Име: ‘Еве, ги предавам во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар, за да ги погуби пред вашите очи.

22. И со нив како со клетва ќе се проколнуваат сите заточеници кои се во Вавилон: „Господ нека направи со тебе како со Седекија и Ахав, кои што вавилонскиот цар ги испече на оган,”

23. зашто направија срам во Израел, правејќи прељуба со жените на своите ближни и зборувајќи лажни зборови во Мое Име, што Јас не им ги заповедав. Јас го знам тоа, и сведок Сум за тоа’ - зборува Господ.

24. А на Неламецот Семај ќе му порачаш:

25. Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Ти во свое име му испрати писма на сиот народ што е во Ерусалим, и на свештеникот Софониј, синот Масиин, и на сите други свештеници:

26. „Господ те постави свештеник на местото на свештеникот Јодај за да бидеш надгледник, во Господовиот Дом, за секој безумник кој се прави пророк да го фрлиш во клади, со железо околу вратот.

27. И така, зошто не го спречи Еремија од Анатот, кој се прави меѓу вас пророк?

Прочитајте целосна глава Еремија 29