1. Слово што Господ му го упати на Еремија:
2. „Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Запиши ги во книжен свиток сите овие зборови што ти ги зборувам.
3. Зашто еве доаѓаат денови - зборува Господ - и ќе ја изменам судбината на Својот народ во Израел, во Јудеја - зборува Господ - и ќе ги вратам во земјата што им ја дадов во наследство на нивните татковци.’”
4. Еве ги зборовите што Господ ги рече за Израел и за Јудеја:
5. „Господ зборува вака: ‘Слушам крик на ужас, тоа е стравотија, а не мир.
6. Ајде, распрашајте се и погледајте: дали некогаш родил маж? А сите мажи се фаќаат за бедрата како родилки! Зошто се сите лица изобличени и побледени?
7. Леле, зашто е голем овој ден, сличен нему не бил! Време на неволја е за Јакова, но ќе се избави од неа.
8. Во оној ден - говори Господ над Воинствата - ќе го скршам јаремот на нивниот врат и ќе ги скинам нивните вериги. Веќе не ќе му служат на туѓинец,
9. туку ќе Му служат на Господа, својот Бог, и на Давида, својот цар, кого ќе им го подигнам.