Стар Завет

Нов Завет

Еремија 31:14-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. Со мрсно ќе им го закрепнам свештенството и Својот народ ќе го наситам со добра” - говори Господ.

15. Господ зборува вака: „Чуј! Во Рама се слуша ридање и горчлив плач: Рахела ги оплачува своите синови, и не сака да се утеши за децата зашто нив веќе ги нема.”

16. Господ зборува вака: „Прекрати да ридаш, избриши ги солзите во очите! Твоите страдања ќе бидат наградени: тие ќе се вратат од непријателската земја.

17. Има надеж за твоето потомство - говори Господ - твоите синови ќе се вратат во својот крај:

18. Добро го слушам Ефремовото липање: ‘Ти ме искара, и Јас се поправив како јунче уште нескротено. Обрати ме, за да се обратам, зашто Ти си, Господи, мој Бог.

19. Се одвратив од Тебе, но се покајав засекогаш, и сега се удирам по слабините. Се срамам и црвенеам, зашто го носам срамот на својата младост!’

20. Зар не ми е Ефрем драг син? Не е ли возљубено дете, зашто колку и да му се заканувам, секогаш со љубов си спомнувам за него; и срцето ми трепери за него од нежна сомилост - говори Господ.

21. Постави патокази, подигни столбови! Спомни си за врвилиштето, за патот по кој што помина. И врати се, Израелева девице, врати се во Своите градови!

22. До кога уште ќе се двоумиш, ќерко одметнице? Зашто Господ создаде нешто ново на земјата: жена ќе опкружи маж.”

23. Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: „Во Јудината Земја, кога ќе ја изменам нејзината судбина, во нејзините градови ќе се зборува вака: ‘Да те благослови Господ, Живеалиште на Праведноста, Света Горо!’

24. И во неа пак ќе се насели Јудеја со сите свои градови, земјоделците и оние што одат по стадата,

25. зашто Јас ќе ја закрепнам исцрпената душа, изобилно ќе ја нахранам истоштената душа.”

26. Како онаа: „Штом се разбудив, погледнав: сладок ли беше мојот сон!”

27. „Еве доаѓаат денови - Господово слово е - кога во Израелевиот дом и во Јудиниот дом ќе посеам човечко семе и животинско семе.

28. И како што некогаш бдеев за да ги откорнам, за да ги разурнам, за да ги истребам, за да ги сотрам и за да навалам несреќа врз нив, така сега ќе бдеам грижливо за да ги подигнам и за да ги посадам.

29. Во оние денови веќе не ќе се зборува: ‘Татковците јадеа кисело грозје, а на синовите им отрпнуваат забите.’

Прочитајте целосна глава Еремија 31